Околу 70 илјади верници на литургијата со папата во Сараево

Околу 70 илјади луѓе ќе присуствуваат на литургијата, која папата Фрањо ќе ја служи на стадионот Кошево во Сараево на 6 јуни и ќе биде еден од најголемите моменти од папската посета на Босна и Херцеговина.

„Барањата за учество се многу, крајниот рок за поднесување истече на 21 мај, стадионот ќе биде исполнет, а од 25 мај ќе почне распределбата на билетите“, изјави портпаролот и генерален секретар на епископската конференција на Босна и Херцеговина монсињор Иво Томашевиќ.

Заедно со Папата на олтарот ќе концелебрираат 30 епископи и 1000 свештеници, не само од Босна и Херцеговина, туку и од Хрватска, Македонија и Србија, а литургијата ќе ја придружува хор од 1700 хористи, додаде портпаролот.

Друг силен момент од посетата на папата Фрањо во Сараево ќе биде средбата со младите во Центарот за млади „Иван Павле II: „Пријавени се 4.000 млади, но само илјада од нив ќе можат да го видат Папата одблизу, во големата сала на центарот – објасни монсињор Томашевиќ. Сите други ќе ја следат средбата на големите видеоекрани пред центарот. Меѓу нив ќе бидат и млади од други религии“.

Исто и на средбата на Папата со богопосветените лица, која ќе се одржи во катедралата во Сараево, ќе учествуваат 600 свештеници, монахињи и семинаристи, додека повеќе од илјада ќе ја следат средбата однадвор, преку големите видеоекрани.

За посетата на Папата се подготвува не само Црквата, туку и државните институции.  На меѓународниот аеродром во Сараево во тек е внатрешна реконструкција, а исто така ќе бидат зголемени и мерките за безбедност, потврди директорот на аеродромот во Сараево. Посетата позитивно се одразува и на туризмот: „Очекуваме туристи и верници не само од Хрватска, туку и од Италија, Германија, Словенија и Австрија – вели Асја Хаџифендиќ-Месиќ од туристичкото биро во Сараево.

По улиците до градскиот стадион ќе бидат обезбедени 1.000 автобуси, а вратите ќе бидат отворени два часа пред Литургијата, која започнува во 11.00 часот на 6 јуни. Околу 500 волонтери имаат задачата да ги пречекаат илјадниците верници и поклоненици.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот