Од проповедта на Папата: Словото Божјо „се убива“ во срцето ако нема понизност и молитва

За да не се убие во срцето Божјото Слово треба да се биде понизен и способен да се моли – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 21 март коментирајќи го делот од Евангелието по Матеј.

Може да се совлада Божјото Слово и со него да располага по сопствена волја, ако христијанинот не е понизен и ако не моли. Тоа го истакна Папата и предупреди на таа опасност коментирајќи ја параболата на Исус за лозарите -убијци кои најпрво ги убиле слугите, а на крајот и синот на господарот со цел да го добијат наследството. Таа парабола ја слушале фарисеите, старешините и свештениците, на кои им се обраќа Исус за да им објасни „каде паднале“ затоа што срцето не им било отворено за Божјото Слово – рече папата Фрањо.

Во тоа е драмата на тие луѓе, а и нашата драма! Да го совладаме Божјото Слово. Божјото Слово станало нивното слово, слово за нивно користење, идеологија, теологија, слово во нивна служба. Секој го толкува по своја волја, според тоа како му одговара. Тоа е драмата на тие луѓе и затоа убиваат. Тоа го искусил Исус – рече Светиот Отец.

Кога ги слушале тие Исусови зборови, првосвештениците и фарисеите сфатиле дека зборува за нив. Настојувале да го уапсат и осудат на смрт. Божјото Слово така станува мртво, „заробено“, а Светиот Дух окован во нивните желби. Точно тоа се случува и во нас, кога не сме отворени за новостите на Божјото Слово, кога не сме послушни – рече папата Фрањо.

Но, има една поговорка кој ни влева надеж. Божјото Слово е мртво во срцата на тие луѓе, а може да умре и во нашето срце! Но не завршува на тоа, затоа што Божјото Слово е живо во срцето на едноставните, понизните, во срцето на Божјот народ. Размислувале како да го уапсат Исус, но се плашеле од Божјиот народ, затоа што народот го сметал за пророк. Тоа едноставно мноштво на народ го следи Исус, затоа што неговите зборови биле во нивните срца, ги грееле, а народот не би погрешил: Божјото Слово не го искористувале за сопствен интерес, го слушале и настојувале да бидат малку подобри – рече Папата.

А ние, праша Папата завршувајќи ја проповедта, што треба да направиме за да не го убиеме Божјото Слово, за да бидеме послушни, за да не го „оковаме Светиот Дух“? Две едноставни работи – одговори Папата.

Ова е однесувањето на оној кој сака да го слуша Словото Божјо: прво, понизност, второ молитва. Луѓето од параболата не молеле, молитвата „не им била потребна“. Се чувствувале сигурни, силни, се сметале за „богови“. Понизност и молитва. Во Црквата: понизност и молитва. Така нема да ни се случи тоа што им се случило на тие луѓе: нема да убиваме за да го одбраниме Словото Божјо; Слово за кое веруваме дека е Божјо, а всушност целосно сме го изобличиле – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот