Од проповедта на Папата: Бог го спасува покајничкото срце

Бог го спасува „покајничкото срце“, а кој не се доверува на Бог за себе си предизвикува „осуда“ – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 16 декември во капелата на домот Света Марта. Во Божјите очи човекот се спасува со понизност, горделивоста пак го осудува. Сè зависи од срцето. Понизното срце е отворено, знае да се покае, да прифати исправка и во Бог да се довери. Горделивото срце е сосема спротивно: тоа е грубо, затворено, не познава срам, не е чувствително на Словото Божјо – заврши Светиот Отец осврнувајќи се на литургиските читања. Двете читања зборуваат за „судот“ од кој зависи спасението и осудата – рече Папата.

Пророкот Софонија зборува за непокорниот град во кој сепак има група покајници. Тоа е Божјиот народ кој го красат три особини: понизност, сиромаштво и доверба во Бог. Во градот има и такви кои не се покајале, кои не се довериле на Бог. Тие ќе бидат осудени. Тие не го прифаќаат спасението.„Ќе оставам среде тебе народ смирен и прост и тие ќе се надеваат на името Господово, засекогаш сѐ до денес?

Кога гледаме дека светиот Божји народ е понизен, дека неговото богатство е во верата во Бог, во надевањето на Господ – понизен, сиромашен народ кој се доверува во Господ: тој е спасен, а тоа е патот на Црквата, нели? Црквата по тој пат треба да оди, а не по патот на непослушноста, на кој нема покајание, ниту надеж во Господ. Треба да одиме по пат со искрено, а не лицемерно покајание – рече Светиот Отец.

Евангелието зборува за однесувањето на двајцата синови кои таткото ги праќа на работа во лозјето. Првиот на почетокот одбива, но се кае и оди во лозјето, другиот пак вели дека ќе оди, но го лаже таткото. Исус тоа го зборувал на свештениците и народните поглавари тврдејќи дека тие не сакале да слушат што Бог им зборува преку Иван Крстител и затоа митниците и блудниците ќе ги испреварат во Царството Божјо, бидејќи поверувале во Иван – рече Папата додавајќи дека соблазната предизвикана со такво тврдење е иста со она која ги предизвикува многу христијани да се чувствуваат „чисти“ само затоа што одат на Литургија или бидејќи се причестуваат.

Но, Бог сака нешто друго: ако твоето срце не е скрушено, ако не го слушаш Господ, ако не се каеш и не се доверуваш во Бог, тогаш немаш покајничко срце. А тие лицемери кои се соблазнуваат заради тоа што Исус зборува за митниците и блудниците, тие пак кај нив одат скришно да ги задоволат своите страсти или да ги искористуваат – сè тајно – дали биле чисти? Такви Бог не сака – рече папата Фрањо.

Овој суд нè охрабрува, ако сме храбри своето срце без одложување да го отвориме за Бог, да ги признаеме своите гревови – рече Папата и наведе пример на замислениот „светец“ кој секогаш го слушал Господ, се покорувал на Неговата волја, на Бог му дарувал сè, а Бог пак му возвратил: Сеуште не си ми дал нешто. Светецот пак прашал: „Господи што не сум ти дал?“ Ти го дадов својот живот, работам за сиромашните, поучувам веронаука, трчам на сите страни… „Сепак нешто не си дал, не си ги дал „своите гревови“ одговорил Бог. Кога ќе бидеме способни на Господ да му кажеме: Господи овде се моите гревови, тие се само мои. Земи ги и ќе бидам спасен. Кога ќе бидеме способни тоа да го направиме, тогаш ќе бидеме убав Божји народ „понизен и сиромашен“ кој се надева на Господ. Нека Господ ни ја подари таа милост – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот