Од продажба на Ламборџини до реконструкција на Ирак

Од продажба на Ламборџини до реконструкција на Ирак

Автомобилот беше дониран на папата Фрањо, а потоа продаден на аукција, овозможувајќи да се спроведат два проекти за ирачки христијани во Ниневија, благодарение на Папската фондација „Помош на црквата во неволја“.

Додека христијанската заедница во Ирак со нетрпение го очекува доаѓањето на папата Фрањо, Папската фондација „Помош на црквата во неволја“ продолжува да ги поддржува христијаните протерани од Ниневија од страна на самопрогласената Исламска држава. Благодарение на дарежливата донација на Светиот Отец, Папската фондација успеа да спроведе два нови проекти. Донацијата изнесува 200 илјади евра и е дел од приходите од продажбата на аукцијата на автомобилот „Ламборџини“, модел „Хуракан“, дониран во 2017 година на папата Фрањо од страна на производителот. Откако самиот се потпиша на хаубата, Папата одлучи да го даде автомобилот на аукција, а приходот да оди во добротворни цели, донирајќи дел од приходите на Папската фондација „Помош на црквата во неволја“, за ирачките христијани во Ниневија.

За децата, но не само за нив

Двата проекти финансирани од донацијата се реконструкција на мултифункционален сирo – католички центар именуван„Дева Марија од Башика, кој беше целосно уништен од самопрогласената Исламска држава и салата на сиро – католичката градинка исто така именувана „Дева Марија од Башика“. Алесандро Монтедуро, директор на Папската фондација „Помош на црквата во неволја“ објаснува дека биле дадени 166.000 евра за првата иницијатива, на што се додадени 124.000 евра донирани од добродетели на фондацијата, или вкупно 290.000 евра, додека за втората иницијатива фондацијата додели 34.000 евра од донацијата на Папата. „Зградата, во која ќе бидат сместени околу 70 деца, веќе е завршена, иако активностите во неа сè уште не се започнати поради пандемијата Ковид-19 – рече Монтедуро. Тој додаде дека фондацијата сакаше да ги помогне двата проекти со донацијата на Светиот Отец со тоа што ќе застане конкретно со настраданите од Исламската држава и е задоволен што овие проекти беа завршени пред историското апостолско патување на папата Фрањо во Ирак.

Поддршка на заедницата во Ниневија

Голема е радост на локалната христијанска заедница за реализација на двата нови проекти: „Среќни сме што ја завршивме работата во градинката „Дева Марија од Башика“, што ќе им помогне и ќе ги охрабри нашите деца да се вратат во Башика и повторно да учат – рече монс. Јоан Бутрос Муше, сиро – католички епископ во Мосул и дон Резкала Алсимани, парохиски во свештеник во црквата „Дева Марија од Башика“. Според последните податоци на Папската фондација, ажурирани на 12 јануари 2021 година, повеќе од 45% од семејствата кои првично живееле во Ниневиската рамнина и биле протерани од екстремистичко насилство, биле во можност да се вратат во своите домови, благодарение на големите напори за солидарност, направени од меѓународната католичка заедница, почнувајќи од добродетели на фондацијата. Речиси 57% од уништените домови се обновени со придонес на разни организации.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот