Од денес Радово поседува мошти на Свети Јуда Тадеј и Света Катерина Сиенска

Од денес Радово поседува мошти на Свети Јуда Тадеј и Света Катерина Сиенска

Во недела на 24 ноември 2019 година, во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во заедништво со архиепископот Цирил Васил од Рим служеше света архиерејска Литургија. Пред почетокот на Литургијата архиепископот Васил ги предаде на епископот Стојанов моштите на апостол Јуда и света Катарина Сиенска.

Светата Литургија на која сослужуваа свештениците од Струмичко-скопската епархија започна со процесија. По влегувањето во црквата пред иконостасот архиеписокопот Цирил Васил му ги предаде моштите на светиот апостол Јуда Тадеј и света Катарина Сиенска, на епископот Стојанов, кои ќе останат постојано во парохиската црква во Радово. Моштите вградени во уникатно направена трокрилна икона, на која во средина е прикажана Марија од Назарет, од левото крило на иконата е претставена света Катарина Сиенска, а на десното свети Јуда Тадеј, кога двете крила на иконата ќе се затворат се добива иконата Пресвета Богородица Утешителка – Паљурска, која беше поставена на олтарот.

За време на Литургија проповед одржа архиепископот Цирил кој зборуваше за традицијата во христијанството за почитувањето на моштите, а исто така се осврна и на животите на свети апосотл Јуда Тадеј и света Катерина Сиенска.

По завршувањето на светата Литургија верниците имаа можност да се поколнат, да се помолат и да ги целиваат моштите.

Моштите кои парохијата свети пророк Илија од Радово ги доби се мошти од прв ред, а тоа значи дека се директно поврзани со телото од светецот.

Радио Марија вршеше директен пренос на светата Литургија.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот