Од Богородица можеме да молиме за сите наши потреби

Од Богородица можеме да молиме за сите наши потреби

Ангелот ѝ навестува на Марија дека таа ќе биде Мајка на Спасителот, при што таа одговорила: „Еве, слугинка сума Господова, нека ми биде според зборовите твои!“ Бог, од својата добрина, ја избира својата Слугинка да биде Мајка, давајќи ѝ на тој начин голема привилегија.

Зошто ја избрал Марија? Поради нејзината понизност! Од тука, можеме да бидеме сигурни дека Божјиот Син не ѝ одрекува на Марија ништо што таа ќе побара. Од Богородица можеме да молиме за сите благодати што ни се потребни: прошка на гревовите, дар на света љубов кон Бога, понизност, истрајност во доброто до смртта итн.

Кога Марија го моли Бога во својот сиромашен дом за доаѓањето на Спасителот, таа здогледа ангел кој ја поздравува велејќи ѝ: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” (Лука 1,28). Девицата, слушајќи ги овие зборови, исполнета со почест, не е горда, туку молчи вознемирена, бидејќи не се чувствува достојна за такво воздигнување. А зошто ние не сме како понизната Марија! Зошто сме горди!

Понизноста на Марија произлегува од љубовта кон Бога.Таа не се гордееше со своите достигнувања бидејќи знаеше дека сѐ што поседува е дар од Бога. Гледајќи ги Божјите благодати во нас, таа станува уште повеќе понизна. Две основни работи се важни за домот: темелот и покривот. Темелот кој го имаме е понизноста, која се состои во свеста дека сами сме никој и ништо и ништо не можеме да направиме; покривот е Божјата грижа, на кој се надеваме.

Марија стана наша духовна Мајка пред сè кога заслужи во нејзината утроба да зачне Божјиот Син. Исус беше првороден според телото, но луѓето станаа деца според Духот. Бог можеше да не спаси со испраќање ангел, но Самиот сакаше да дојде и да умре за нашето спасение. Нашата царица, верувајќи во зборовите на Архангелот Гаврил, му донесе спас на светот, надоместувајќи ја на тој начин штетата што Ева ја направи со своето неверство. „Радувај се“ значи повеќе од обичен поздрав. Во Стариот Завет нема таков поздрав – се користи „шалом“ – мир, а овде Гаврил – радувај се затоа што започнува ново време; времето на Исус е време на откривање на радоста во секоја минута. Овие зборови мора да ни бидат придружници во секој момент од денот: нашето спасение е со нас и никогаш нема да замине од нас, без разлика колку сме далеку од Бога.

о. Н.Л./к.мк

За авторот