Од Битола до светилиштето во Летница

Од Битола до светилиштето во Летница

Селото и парохијата Летница се наоѓаат во југоисточниот дел на Косово, на северните падини на Скопска Црна Гора, помеѓу Урошевац и Гњилане, недалеку од Витина, по должината на реката Летница која се влива во Биначка Морава. Од Урошевац е одалечена околу 30 километри. Парохијата со две имиња: Црна Гора и Летница името го добива по планината Скопска Црна Гора и реката Летница каде што се наоѓа и населбата. Во постоечките документи името на парохијата некаде е запишано како Црна гора, Црнагора, (Monte Negro, Montenegro, Monte nero Monte negro di Skopia) , а денес само Летница. Покрај селото Летница на падинита на планината се наоѓаат уште три села: Сасаре, Врнез и Врнавоколо со населбите Загреде, Перериновиќ, и Подрид. Овој крај од средниот век (XIV век, околу Косовската битка) до деведесетите години од минатиот век бил населен со Хрвати. За време на Татковинската војна се иселени во матичната татковина и денес се наоѓаат на 72 места во Хрватска , како и во дијаспората.

Малото стадо од парохијата „Срце Исусово“ во Битола, 15 луѓе појдовме на ходочастие, кај Пресвета Богорица Летничка, на 24 мај. Кој не слушнал за тоа светилиште? Ние сме слушнале, но не сме го виделе. Затоа тргнавме во раните утрински часови, со желба што подолго да се задржиме во подножјето на олтарот на чудесната Богородица. Но патувањето се одложи заради одрони на патот Качаник- Урошевац, и патот нѐ водеше преку Шар Планина. Со мала нервоза и грижа успеавме да се восхитуваме на Создателот на убавината на крајот со кривулестите серпентини и остри завои. А зелените шуми украсени со цветовите на багремот го откриваат пролетното време. Ах, баш би застанале и би ја вдишеле малку таа планинска свежина, но треба да стигнеме до целта. На крајот ја напуштивме таа убавина и слегнавме по патот Урошевац- Косовска Витина.

Сите среќни ја здогледавме во центарот на Витина насоката Летница, а по дваесетина минути и двете горди кули на летничката црква. Во центарот на селото нѐ поздрави парохот со извинување дека мора да оди на погреб. Чесните сестри Ќерки на христијанската љубов на свети Винко Павелски во Летница присутни од 1927 година срдечно нѐ пречекаа. Ќерка на Божјата љубов од Бинак, с. Меланија дојде да се сретне со нашиот парох, Паво Шекерија, од истиот роден крај Ускопје во БиХ.

По краткото издивнување побрзавме кај Пресвета Богородица, нѐ обзеде неопишлива среќа. Со песната „Слушни нѐ Мајко“, влеговме во светилиштето. Во него беше сѐ подготвено за служење света Литургија. Додека нашиот парох во сакристијата се облекуваше, ние во тишина и чудење се молевме. Со голем жар и воодушевувачка песна присуствуваме на Светата Жртва. На почеткот на светата Литургија,  нѐ потсети на нашите накани и желби кои сме ги донеле преку рацете на нашата небесна Мајка да ги предадеме на Бог. А во хомилијата нѐ потсети дека првиот и најважниот дел од нашето ходочастие е да го прославиме и величаме Бог и Неговиот Син, Исус заедно со Марија.

По светата Литургија останавме уште кратко кај олтарот на Марија и моравме да тргнеме на пат.  По освежувањето, тргнавме кон Бинак во парохијата Свети Анте Падовански недалеку од Витина. Прекрасна осмоаголна црква изградена во седумдесетите години. Нѐ импресинираше нејзината внатрешност. Насликана е во три дела: куполата: најважните настани од Стариот Завет, средниот дел со Новиот Завет, а третиот дел историјата на косовските маченици за време на отоманското царство во XIX век.

Се вративме преку Тетово, Скопје… и среќно пристигнавме околу 23 часот. Му се заблагодаривме на Бог и на нашиот парох, како и на останатите за организацијата, надевајќи се на вакви моменти и во иднина.

Преку Марија до Исус

с. Љубица Јозиќ/к.мк

 

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот