Одржан првиот ден од манифестацијата „II Денови на Свeта Мајка Тереза“

Одржан првиот ден од манифестацијата „II Денови на Свeта Мајка Тереза“

Во недела 3 септември 2017 година во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје се одржа иницијативата „Љубов на дело“ која е во рамките на манифестацијата „II Денови на Свeта Мајка Тереза во скопската парохија“, која се одржува од 3-5 септември 2017 година.

Иницијативата „Љубов на дело“ претставува идеја на младите од скопската парохија, која има за цел тој ден да се пронајдат околу нас оние кои имаат потреба од љубов и милосрдие.

Младите преку парохијата, како и преку телевизиските настапи и фејсбук профилот на Радио Марија Македонија, ги запознаа и повикаа граѓаните тој ден да одговорат на иницијативата, која поттикната од примерот и животот на Света Мајка Тереза имаше за цел да го препознаат ближниот во потреба и да му пружат милосрдие и било кој друг вид помош во своите можности, бидејќи христијанската љубов се дарува, таа ја бара среќата на другиот и излегува во пресрет. Гледајќи ја реалната ситуација во градовите каде многу постари лица се заборавени и од сопствените деца, исто така сакаа со оваа иницијатива да дадат подршка на родителите во воспитувањето на децата преку дарување, а не живеејќи само за себе како што честопати денешното мислење сака да нѐ воспитува.

На овој ден Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р. Киро Стојанов во придружба на младите и парохот дон Топиќ посетија три семејства кои се погодени од крајно сиромаштво и кои живеат на периферијата од Скопје.

На средбата со семејствата бискупот Стојанов заедно со младите на почетокот ја врачи хуманитарната помош и ги сослуша нивните животни приказни како и потешкотиите со кои се среќаваат. Исто така на средбата беше видлива големата радост како и пријатното изненадување кај семејствата по влегувањето на бискупот во нивните навистина скромни домови, бидејќи сите три семејства живеат во една соба.

На средбата, бискупот Стојанов говореше дека Католичката Црква на овие простори без разлика на националноста и вероисповеста го слуша крикот на сиромашните и настојува во своите можности да одговори. Исто така ги запозна со иницијативата на младите „Љубов на дело“ во рамките на „II Денови на Света Мајка Тереза во скопската парохија“ говорејќи за делото и светоста на света Мајка Тереза, упатувајќи им зборови на охрабрување и надеж од верата во Бог.

Покрај молитвата бискупот ги благослови семејствата, а тие не ја сокриваа својата радост поради средбата со бискупот и младите и покрај тешкото живеење, сиромаштијата и болестите. На крајот тие се заблагодарија за постетата од срце преполно со љубов.

После посетата на семејствата бискупот Стојанов и младите го посетија манастирот на сестрите Мисионерки на љубовта, а по молитвата со сестрите во пријатно заедништво го споделија искуството од средбата.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот