Односот кон старите лица го одредува степенот на цивилизацијата

Односот кон старите лица го одредува степенот на цивилизацијата

На 9 февруари 2021 година, Папската академија за живот и Дикастеријата за целосен човечки развој објавија документ „Староста – наша иднина“ во кој тие повикуваат на промена на ставот на општеството кон староста и поттикнуваат на нови модели палијативна нега.

Врз основа на искуството за последиците од пандемијата на коронавирусот, Светиот Престол повикува на нова вреднување на староста и старите лица. Покрај новите начини на грижа за старите лица, документот ја нагласува потребата од промена на свеста како предуслов за културни промени. Низ целиот свет, непропорционално високиот број смртни случаи од Ковид 19 во пензионерските домови и установи за палијативна нега предупредува дека нешто не е во ред со односот на општеството кон старите лица. Демографската промена, која подолго време е на дело во документот се нарекува „културен, антрополошки и економски предизвик“.

Постарите луѓе кои повеќе не учествуваат во производствениот процес не се товар и трошок, туку дар и збогатување. За да се искористи ова, потребна е многу поголема отвореност и соработка помеѓу младите и старите луѓе – истакна на презентацијата Бруно-Мари Даф од Дикастеријата за целосен човечки развој. Порано на многу места во светот заедно живееја четири генерации, но бидејќи традиционалното големо семејство во голема мера исчезна, работните односи драстично се променија и со тоа значително ја зголемија мобилноста на луѓето, неопходно е да се најдат креативни модели за постепена и индивидуална поддршка на старите лица.

Потребен е континуиран премин од сопствениот дом кон постојана болничка нега. При тоа би биле добредојдени нови облици на стручна, како и на волонтерска добрососедска помош, како и нови технологии, од телемедицина до вештачка интелигенција. Од поддршка, онаму каде што е неопходна, имаат потреба не само постарите лица, туку и младите кои им помагаат и не само роднините, туку сè повеќе и пријателите и соседите.

Светиот Престол повикува на сеопфатно зајакнување на негувателските професии и истовремено предупредува на социјалните и правните тенденции да се „ослободат“ од старите луѓе што е можно поскоро. „Да се лиши правото на живот на немоќниот човек значи за сите, а особено за младите, да се одземе надежта за иднината“ – се вели во документот.

Поважно од законските, организациските или техничките промени е длабоката промена на мислењето и промена на ставот за претставата на беспомошни стари лица –  рече претседателот на Папската академија за живот, надбискупот Винченцо Паглија. Статистичките податоци покажуваат дека постарите луѓе помалку умираат во семејствата од Ковид – 19 отколку во домовите за стари лица и тоа укажуваа дека „љубовта и вниманието се најефикасната вакцина“ – рече надбискупот, додавајќи дека „односот кон старите лица го одредува степенот на цивилизацијата“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот