Одбележан денот на Македонски Каритас

Одбележан денот на Македонски Каритас

На 20 декември 2018 година во просториите на Македонски Каритас со пригодна програма беше одбележан Денот на Каритас. Меѓу присутните на овој настан, покрај Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх Струмичко –скопски, а воедно и претседател на Македонски Каритас, беа и Н.Е. г-ѓа Данијела Баришиќ, амбасадор на Република Хрватска, Н.Е. г-дин Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Унгарија, г-дин Филипо Кандела, претставник на Италијанската амбасада, претставници на: Црвен Крст, Центарот за управување со кризи, ИОМ, ЦРС, ЈРС, како и други организации, свештеници, чесни сестри, богослови, донатори и соработници на Каритас.

Во своето поздравно обраќање, директорот на Македонски Каритас, дон Паво Шекерија, поздравувајќи ги присутните, истакна: „Нека е благословен Бог, Господ наш Исус Христос за сета љубов која се покажа преку нас слабите луѓе кон луѓето во потреба за целото изминато време на делување на Македонски Каритас. Не нам Господи, не нам, туку на своето име дај слава, поради љубовта и верноста спрема секое зачнато дете, спрема сиромашните, прогонетите, бегалците, мигрантите, обесправените, бездомните, неправедно осудените, вдовиците, инвалидите, лицата со посебни потреби, осамените и старите. Ви благодарам на сите вам кои со својата молитва, работа, близина и дар ја ублаживте болката и ги избришавте солзите од лицата на луѓето кои беа гладни и жедни за Божјата љубов. Нека Бог за секое ваше и најмало дело кое во човечките очи е сокриено, стоструко ви врати овде на земјата, а во другиот свет вечен живот. Благодарност на сите за учеството во креирањето на денешниот ден и што со својата присутност ја возвеличивте нашата радост“.

Исто така присутните имаа можност преку презентација да се запознаат со мисијата и делувањето на Каритас низ минатата година.

Свое обраќање имаше и Н.В.П д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх Струмичко –скопски, а воедно и претседател на Македонски Каритас, кој поздравувајќи ги најнапред присутните меѓу другото истакна: „Собрани сме овој ден за да го воздигнеме своето срце и душа во знак на благодарност кон Бога и луѓето, зашто единствениот  заеднички именител кој ги поврзува личностите Бога и човекот се нарекува ЉУБОВ. За жал, нашиот јазик, не е толку  високо развиен како во Библијата во која постојат три изрази за терминот “љубов”: амор, каритас и агапе. Св. апостол Иван, Бог го нарекува: Тхеос тхе агапѐ естин – Бог е Љубов. Од ова – да кажеме Божја дефиниција, следи разбирање, заради што човекот во животот е „незаситено битие“. Тој никогаш не може да каже: Па, сега е доста не можам ништо повеќе да барам! Зашто човекот по природа е – секој човек – отворен кон бесконечната Љубов“. Во своето обраќање, бискупот Стојанов ја спомна и нашата сограѓанка, света Мајка Тереза, како универзална жена на делотворната љубов.

Бискупот Стојанов исто така предложи 5 декември секоја година да биде ден на Каритас во Скопската бискупија и Струмичко – скопската епархија.

Денот на Каритас заврши со заедничко дружење.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот