Одбележан Денот на Македонски Каритас

Одбележан Денот на Македонски Каритас

На 05.12.2019 во Скопје со пригодна програма беше одбележан Денот на Македонски Каритас

Поздравувајќи ги присутните, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, претседател на Македонски Каритас, истакна дека денешниот настан потсетува на Евангелските зборови на нашиот Господ: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Иван 13,35), додека свети Иван евангелист не поттикнува: „Не љубете се со зборови или со јазик, туку со дела и вистина“ (1 Ив 3,18). „Денес гледаме со благодарност на дејствувањето на нашиот Каритас, иако многу скромно, но вистинито се обидуваме да дадеме сведоштво на нашата вера, да бидеме препознаени според делотворната братска љубов која не е од декларативна природа, туку која Исусовата заповед на љубовта ја преточува во дело. Каритас како институција е навистина дело на верата, а со ширината на својата љубов која не познава граници на раси, нации и возрасти е свртена делотворно кон секој човек во потреба. Овде, во делот на Каритас се дава одговор што еднаш како прашање било поставено на Исус Христос: „А кој е мој ближен?“ (Лк 10,29). Да се присетиме дека Исус одговори во параболата за Милостивиот Самарјанин. Што друго е Каритас како Институција одошто: Да застане покрај човекот кој е во потреба да се наведне над неговата неволја да го подигне со своите раце да му ја намали неговата болка и сиромаштија и да се погрижи за неговото оздравување“, подвлече бискупот Стојанов.

Директорот на Македонски Каритас, дон Паво Шекерија се заблагодари на присутните за нивното присуство за заеднички да се одбележи овој ден. Се осврна и на света Мајка Тереза како вистински пример на каритативна работничка. Мајка Тереза во својот живот го стави Исус како центар и сѐ што правеше во својот живот, го правеше поради Исус. И нашиот Каритас и ние треба да се потпираме на Исус, бидејќи Тој е нашата сила, потенцираше директорот на Македонски Каритас.

Координаторот на Каритас Спасе Спасов даде една рефлексија на делувањето и програмските активности на Каритас во изминатата година, а од персоналот вклучени во активностите на Каритас беа споделени искуства од нивната секојдневна работа.

По пригодната програма следуваше заедничко дружење.

Одбележувањето на Денот на Каритас заврши со света Литургија во катедралата Пресвето Срце Исусово.

к.мк/

Категорија: Вести, Македонија

За авторот