Објавата на Пресвета Богородица во Фатима (9)

Објавата на Пресвета Богородица во Фатима (9)

Шеста објава

Тринаесетти октомври 1917 година. Заминавме рано од дома, предвидувајќи дека патот долго ќе трае. Се собра големо мноштво народ, а дождот паѓаше како од кабел. Стравувајќи дека ова е последниот ден од мојот живот, со вознемирено срце, целата несигурна, мајка ми тој пат сакаше да ме придружува.

Долж патот се повторуваа сцените од минатиот месец, само беа уште побројни и попотресни. Ниту блатото не им пречеше на овие луѓе да паѓаат на колена и понизно да нѐ молат заколнувајќи нѐ.

Кога стигнавме во Кова да Ирија, на изворот, поттикната од некоја непозната сила, барав од луѓето да ги соберат чадорите и да започнеме да молиме Бројаница. Малку после тоа здогледавме светлина, а потоа Девицата на изворот.

  • Што сакаш од мене?
  • Сакам овде да се подигне капела во моја чест. Јас сум Пресвета Богородица од светата Бројаница. Нека се моли Бројаница секој ден! Војната ќе заврши, војниците наскоро ќе си дојдат дома.
  • Имам за многу да те молам: да оздравиш болни, да преобратиш грешници…
  • Едни да, други, не. Мора да се поправат. Нека молат за простување на своите гревови!

Тогаш поприми уште пожалосен изглед и продолжи: „Нека не го навредуваат повеќе Господ, кој и така е многу навредуван!“

Тогаш ги рашири рацете и се сврте кон сонцето. Додека се воздигнуваше, сјајот на нејзината светлина се насочи кон сонцето.

Таа е, Превозвишени, причината што воскликнав: „Гледајте го сонцето!“ Не за да го свртам вниманието на народот кој во мојата свест воопшто не беше присутен, туку тоа го направив преку внатрешно вдахновение кое на тоа ме поттикна.

Штом нашата Богородица исчезна во бескрајниот простор, го видовме зад сонцето свети Јосиф со Детето Исус и Пресветата Девица, која беше облечена во бело, обвиткана со сина наметка.

Се гледаше како свети Јосиф и Детето Исус го благословуваа народот, правејќи го знакот крст со раката.

Веднаш потоа оваа објава исчезна, а се појави Господ и Девицата, која ми изгледаше како Жалосна Богородица. Господ го благословуваше светот на начин како и свети Јосиф. И ова објава исчезна, а ми се чини дека повторно ја видов Богородица, овој пат како Пресвета Богородица од Кармел.

Ете, Превозвишени, историјата на објавите во Кова да Ирија во 1917 година. Кога и да морав за нив да зборувам, настојував при тоа да искажам помалку зборови, за она најдоверливото за себе да го сочувам. Бидејќи тие се Божји, а не мои работи, кое на Ваше барање, му ги враќам како она што не е мое. Навистина ништо не сочував.

Ми се чини дека недостасуваат само некои мали поединости во врска со моите прашања што ги упатував на Пресвета Богородица. Бидејќи овде се работеше исклучиво за материјални работи, не им посветив многу внимание, па затоа силно не се втиснале во моето сеќавање. (…)

Многумина беа воодушевени од моето паметење кое Бог ми го даде. Навистина, со неговата добрина, моето паметење е изворедно во секој поглед. Меѓутоа на тоа не треба да се чудиш, кога се работи за натприродни работи, затоа што тие навистина се во душата толку длабоко што не е можно да ги заборавиш, барем не нивната смисла, посебно ако ниту Бог не сака да ги заборавиме.

Фатимска порака Луција говори/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот