Обрезание Господово

Обрезание Господово

„Кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, му ставија име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата“ (Лукa 2,21). Во овој краток стих, кој го сочинува заклучокот и врвот на евангелскиот текст, содржани се трите темели на празникот кој го означува исто така и почетокот на граѓанската година. (…)

Исус е роден во Витлеем (сп. Лука 2, 4.15), но може да речеме дека осум дена подоцна е опеан неговиот идентитет, а исто така и неговата припадност: како што беше напишано во Законот, Исус ќе биде обрезан за да влезе во „светиот завет“ воспоставено од Бога со Авраам (сп. Битие 17, 10-11). Во ранливото Исусово тело, кое ќе остане засекогаш, укажува дека е син на Авраам, во траен и вечен завет со Бога; овој врежен знак во Исусовото тело ни укажува дека тој е Евреин, Евреин засекогаш. Светиот апостол Лука го спомнува овој настан затоа што е важно околу идентитетот и припадноста на Исус: обрезанието е знак на ветувањето дадено на татковците кое сега се исполнило (сп. Лука 1,72-73), иако е знак кој ќе биде надминат од Новиот Завет, неопходен преку неракотворено обрезание (сп. Колосјаните 2,11), обрезание на срцето предречено од пророците (сп. Јеремија 4,4)…

Но обрезанието исто така е околноста во која му се дава името на бебето, и така се случило исто така и за Исус: Јосиф и Марија го нарекуваат „Јешуа“. Всушност ова име – кое се однесува на неискажливото Име на Бога, ЈАХВЕ (JHWH) – му е дадено од самиот Бог (сп. Лука 1,31), а не од луѓето: Исус е бебе кое се раѓа по волја и делување Божјо и затоа, да му се даде името е должност на Бога. Јешуа е повик за спасение – „Господи, спасувај!“ – но исто така е дејство на спасение – „Господ спасува!“ (…). Тоа е светото Име во кое луѓето ќе бидат спасени, Име преку кое ќе се праваат знаци, Име благодарение на кое Божјето царство ќе се прошири, а Сотоната ќе се повлече. Целата христијанска историја ја раскажува силата, светоста и благодатта во ова Име, која е повикана со целото срце во радоста или во тагата, во почетокот на животот или на прагот од смртта…

И како последно, Исус е „роден од жена“ (Галатјаните 4,4), и оваа жена е Марија, Девицата од Назарет, која Бог ја погледнал со љубов (Лука 1,48). И преку силата на Светиот Дух Марија забременила (сп. Лука 1,35), а по Божја волја го роди Оној кој само Бог можеше да му го даде на човештвото. Севишниот стана Најпонизен, бесконечниот стана ограничен, вечниот стана определен од времето, силниот стана слаб; и тоа, во утробата на Марија. Да, Светиот Дух со својата сила ја осени утробата на Марија и ја направи мајка на самиот Господ: Исус ќе биде наречен син на Марија и Божји Син. На тој начин благословениот плод од утробата на оваа жена е благословот на Бога, кој му го ветил на Авраам, кое сега стана Тело во Исус, човек во чие Име ќе бидат благословени сите народи. Навистина во Марија „земјата го даде својот плод и нé благослови Бог, нашиот Бог!“ (Псалм 67, 6).

На почетокот од граѓанската година, која всушност стана почеток на годината со која ги обележуваме случувањата од настаните на нашиот живот, овој празник ни дава многу значајна порака: Божјата благодат врз човештвото – т.е. Исус, роден од Марија, симбол на целото човештво – секој ден од нашиот живот е врз нас, благослов е на бракот помеѓу Бог и човештвото од него љубено.

Манастир Бозе/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот