Никој не е исклучен од можноста за Божјото простување

Светиот Отец на Генералната аудиенција во среда 28 септември 2016 година зборуваше за Исусовото откупување и простувањето на крстот и за важноста човекот да се отвори за неговиот повик и за милостите.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Зборовите кои Исус ги кажува за време на својата мака, својот врв го имаат во простувањето. Исус простува: Оче прости им не знаат што прават. Тоа не се само зборови, бидејќи станува конкретно дело со понудата за „добриот разбојник“ кој му бил од страна. Свети Лука пишува за двајца злосторници кои се распнати заедно со Исус и кои му се обраќаат со сосема спротивни ставови.

Првиот го навредува, како што тоа го правела толпата; како што тоа го прават и народните старешини, но овој сиромашен човек е наведен од очајот: Но ти… Нели си Ти Христос? Спаси се себе и нас! (Лк 23, 39). Овие повици за помош сведочат за болката на човекот пред тајната на смртта и трагичната свест дека ослободувачки одговор може да биде само Бог: затоа е незамисливо Месијата, Божјиот пратеник може да биде распнат на крстот, а ништо да не преземе за да се спаси. Не го сфаќале тоа. Не ја разбирале тајната на Исусовата жртва. Сепак Исус нè спаси останувајќи на крстот. И сите знаеме дека не е лесно да се остане на крстот; на нашите мали секојдневни крстови: не е лесно. Тој на овој голем крст, во своето големо страдање, останал така и нè спаси и ни ја покажа својата семоќност и таму ни прости. Таму се исполнува неговото дарување на љубовта и извира нашето спасение.

Умирајќи на крстот помеѓу двајца злосторници невин потврдува дека Божјото спасение може да го постигне било кој човек без оглед на неговата состојба, па и ако таа е негативна и болна. Спасението Божјо е за сите; наменето за сите. Заради тоа Јубилејната година е време на милосрдие за сите; за добрите и лошите, за здравите и за оние кои трпат (болните). Сетете се на параболата која Исус ја раскажал за свадбата на синот на некој земски моќник: кога ги повикал, а тие не се интересирале да одговорат, им кажал на слугите: Излезете по раскрсниците и сите повикајте ги и добрте и лошите. Сите сме повикани: и добри и лоши. Црквата не е само за добрите или кои такви изгледаат или за себе така си мислат (како да се добри); Црквата е за сите, а најпрво за лошите затоа што Црквата е милосрдие. И ова време на милости потсетува дека ништо не може да не раздели од љубовта Божја во Христос Исус! (Рим 8, 39)

Оној кој е „прикован“ за болничкиот кревет, на оној кој е во затвор, на оние кои се затечени во војна им велам: погледнете во Распнатиот, Бог е со вас на крстот и на сите се нуди како Спасител. Он нè придружува сите нас; вас кои толку страдате, распнат е за вас, за нас, за секого. Дозволете силата на Евангелието да продре во вас и да ве утеши, да ви подаде надеж и внатрешна сигурност дека од Неговото простување никој не е исклучен. Но, можете да ме запрашате: кажете ни оче оној кој во животот правел најлоши работи дека има можност да се спаси?! – Да! Да: никој не е исклучен од Божјото простување. Само нека се приближи покаен и подготвен за да се прегрне.

Тој бил првиот разбојник. Вториот е оној т.н. „добриот разбојник“. Неговите зборови се чудесен модел за покајание; „катехеза“ фокусиранa на тоа како да се научи да се бара прошка од Исус. Тој прво се обраќа на својот другар: Зарем не се плашиш од Бог ти кој си осуден на иста казна? (Лк 23, 40). Со тоа ја истакнува појдовната точка на покајанието: стравот Божји. Не страв од Бог, туку синовско почитување кое му го должиме, затоа што е Бог. Не е тоа застрашување, туку синовско почитување затоа што Тој е Отец. Добриот разбојник се присетува на основниот став кој ја отвoра довербата во Бог: свест за неговата семоќност и бескрајна добрина. Тоа е почитување полно со доверба кое му дава простор на Бог и доверба во Неговото милосрдие, па и во најголемата темнина.

Добриот разбојник потоа ја открива Исусовата невиност истовремено признавајќи ја својата вина: „Ние сме правдно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.“ (Лк 23, 41) Исус е таму на крстот за да биде со виновнците: преку таа близина Он им нуди спасение. Она што е за поглаварите соблазна, за оние кои биле таму и му се исмевале со грди движења, за добриот разбојник е темелот на верата. Така тој станува сведок на милостите; се случило незамисливо: Бог до таа мерка ме љубеше што за мене умре на крстот. Самата вера на тој човек е плод на Христовите милости: неговите очи во Распнатиот ја контемплираат (гледат, набљудуваат) Божјата љубов за него, еден грешник. Вистина дека бил разбојник; крадец. Крадел цел живот. Но, на крајот покајувајќи се за она штого направил, гледајќи го Исуса толку добaр и милосрден успеал да го „украде“ и небото: добар крадец нема што. Добриот разбојник на крајот директно се обраќа ндоа Исус повикувајќи ја неговата помош: Исусе сети се на мене кога ќе дојдеш во твоето царство (Лк 23, 42). Го нарекува по име: Исусе, доверливо и со тоа го сведочи она што неговото име значи: Господ (Јахве) спасува. Тоа значи името Исус. Човекот од него бара да се сети. Колку нежност во тој израз, колку човечност! Тоа е потребатана човекот, да не биде напуштен, Бог секогаш да му биде близу. Така осуденикот на смрт станува модел за христијанин кој се доверува на Исуса; Хм, ова е длабоко: осуденик на смрт, за нас станува модел; истотака станува и модел за Црквата која во Литургијата толку пати Господ го повикува: Сети се, сети се… Сети се на својата љубов.

Додека добриот разбојник зборува за иднината: кога ќе дојдеш во твоето царство, Исусовиот одговор не доцни и го искажува во сегашноста, вели… уште денес ќе бидеш со Мене во рајот (ред 43). Во моментот на крст, Христовото спасение допира до својот врв. И неговото ветување на добриот разбојник го открива исполнувањето на неговото послание: што значи – да ги спаси грешниците. На почетокот на својата служба во Назаретската синагога, Исус прогласува ослободување на заробените (Лк 4, 18); во домот на цариникот Захеј открива дека е Син Човечки – Он сам – дојде да го побара и спаси загубеното (Лк 19, 9).

На крстот е последниот чин на потврда на овој спасителски план. Од почетокот до крајот, Он се покажува како милосрдие, конечно и неповторливо овоплотување на љубовта на Отецот. Исус навистина е лицето на милосрдието на Отецот.

Добриот разбојник го повикал по име: Исусе. Таа е стреловита молитва и секој од нас може во текот на денот да го повтори многу пати: Исусе, Исусе, Исусе… Правете така во текот на денот. Благодарам.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот