Не живее човек само од леб: Понеделник, 23 септември 2019

Не живее човек само од леб: Понеделник, 23 септември 2019

Свето Евангелие според Марко 5,24-34

А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. 25. Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години, 26. и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сè што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо, 27. штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; 28. оти се велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!” 29. И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. 30. А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот па рече: „Кој се допре до облеката Моја?” 31. Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?” 32. Но Он гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа. 33. Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. 34. А Он ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!”

Размислување за Евангелието

Евангелието ни зборува како со Исус врви многу народ и го притиска, луѓето сакаат да бидат поблиску до него, да му упатат некој збор, да го фатат за рака. Во тоа мноштво се прикрадува и една жена која дванаесет години има крвотечение, потрошила по лекари сѐ што имала, но немало решение за нејзиниот проблем. Покрај тоа таа била сметана за нечиста, секој што ќе се допрел до неа го сметале за нечист. Живеела во голем срам и понижување заради нејзината болест. И сигурно и било непријатно да зборува за својата болест, немала соговорник на таа тема. Едноставно била исклучена од јавниот живот: од обредите, од брачниот живот, од односите со ближните. И за тоа сигурно уште повеќе страдала.

Но таа не се откажува, бара решение. Нејзината огромна желба да оздрави беше исполнета и со длабока вера затоа и си вели: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!” Цврсто верувала дека само со еден допир до Исусова облека ќе оздрави. Сето тоа сакала да го направи во најголема тајност, не смеел никој да дознае за нејзината болест, затоа што заради нејзината нечистота ќе се најдела во непријатности. Но била храбра и одлучна и се допира до Исусовата облека. И во тој ист момент таа почувствувала во телото свое дека е оздравена од болеста и најверојатно планирала и тивко, задоволна да си замине, всушност го добила она што го барала со години.

Но Исус се свртува и вели: „Кој се допре до мене.“ Можеби жената и би премолчила, но откако Исус започна со погледот да кружи наоколу, да ја бара, но не за да ја укори и да ја понижи, туку за да ѝ упати зборови на охрабрување. Го почувствувала Исусовиот поглед полн со нежност и милосрдие. Исус бара средба со неа. Најверојатно тоа ја поттикнува жената да пристапи пред Исус, иако преплашена, но му ја кажува целата вистина, нејзината дрскост, но и милоста што ја доби. Нејзиниот таен допир и нејзината болест ги кажува јавно пред мноштвото и посведочува дека со допирот до Исусовата облека се случило чудо, конечно оздравела по дванаесет години.

Секако, таа е оздравена од нејзината болест, но истовремено е ослободена од дискриминацијата, повеќе не е отфрлена, сега повторно може да учествува во јавниот живот, Исус и го враќа достоинството. Но Исус кажува нешто многу повеќе од тоа дека е само оздравена. Можеби и нам ни побегнаа тие зборови. Исус имено вели: „Ќерко, верата твоја те спаси“. Жената не само што оздраве, туку Исус вели дека е спасена.

Преку ова Евангелие Исус поминува и покрај нас. И ние како и жената можеби боледуваме подолго или кратко од некоја болест, телесна или духовна, а можеби и некој грев го носиме неколку години, можеби дванаесет години или повеќе. Кажи му ја вистината на Исус, кажи му од што страдаш? И оваа жена од денешното евангелие ни посведочува дека треба да бидеме храбри и одлучни за да оствариме контакт со Исус, да се допреме до Него ако сакаме да се излекуваме.

И пред оваа жена постоеле премногу пречки, имало и мноштво народ, но таа успела во својата намера, успеала да се допре до Исус. Можеби слично е и со нас, можеби пред нас има пречки за да се допреме до Исус: Можеби тоа се некои луѓе, можеби пречка е тоа што постојано мислиме што ќе каже народот, нашата неодлучност, можеби во прашање е нашата слаба и мала вера, односно нашето неверување.

Таа се обидела на многу места да најде решение за својот проблем, потрошила многу, но сепак единствениот кој можел да и помогне е нашиот Господ Исус. И ние можеби сме барале решенија на многу места, кај многу луѓе, но сведоштвото од ова Евангелие јасно ни кажува дека Исус има решение, само треба да појдеме кај него, да го сретнеме и да се допреме до Него.

Но денес и ти и јас можеме да се сретнеме со Исус, преку молитвата, можеме да се допреме до него преку Исповедта. А Исус ќе нѐ побара со неговиот поглед за да се сретне со нас и да ни каже дека има решение за нашиот проблем, дека сме важни за него и дека нѐ ослободува од нашата грешност. Сака да ни каже колку и да си грешен, колку и да си нечист, колку и да мислиш дека си недостоен за Него, тој сепак те има во свое срце и ти вели дека те љуби. Храбро пристапи до Исус, и не само за да те очисти и да ти го врати достоинството, туку и да те постави на спасителниот пат. Така ѝ кажа и на жената, така сака и нам да ни ги упати истите зборови: Верата твоја те спаси!

о. Гоце Костов

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот