Недела пред Богојавление

Недела пред Богојавление

Размислување за Недела пред Богојавление според Евангелието од Марко 1,1-8

Во Светото Евангелие читаме за тоа како Иван Крстител ги повикува луѓето на покајание за да бидат достојно подготвени за доаѓањето на Синот Божји. Затоа Иван вели дека го подготвува патот на Господа.

Оваа недела, го подготвуваме патот за Спасителот. Секој од нас не само што треба да се покае, односно да го признае својот грев, туку треба и да се стреми да се промени, да се стреми да стане нова личност. И еве ни пример за оваа обнова – Иван Крстител, кој целиот свој живот го поминал во пост и молитва, кој, излегувајќи од пустината, ги повикува луѓето да се покајат. Тој вели: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Матеј 3,1-2). Повикот на Господовиот Претеча на покајание е всушност подготовка за средбата со Месијата, тоа е повик на духовно созревање преку согледување на својата грешност.

Овие зборови се живи и актуелни и денес. Царството Небесно ни се приближува секој ден, а од нас зависи дали ќе влеземе во него или не.

Христовиот Претеча зборува за исполнувањето на пророштвото: „Гласот на оној што вика во пустината: „Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови“ (Марко 1,3;4). Што значи пустина? Народот доаѓа кај Претечата во пустината да ги исповеда своите гревови. Но, тука има скриено, длабоко теолошко значење. Тоа се човечките души кои го немаат Бога во себе. Пустината е целото човештво кое пресушило поради гревот, како земја без влага.

Зошто проповедањето на Иван беше толку успешно, па многу луѓе доаѓаа да го слушаат и да примат крштевање, кое беше само сенка на она што се прима денес во Црквата? Тој беше човек кој искрено го сакаше Бога и живееше со вера во спасението. Не само неговите зборови, туку и целиот негов живот беше потврда за неговиот однос со Бога. Пустината во која живеел, неговите камилски влакна, неговата скудна храна, скакулци и див мед – сведочат за неговата голема едноставност и вклученост во страдањата на луѓето и нивната сиромаштија. Потопувањето во водите на Јордан не беше нов обред, но неговото пророштво е предвесник и му дава ново значење и што е најважно во целата служба на Претечата  тој навестува: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.” (Марко 1,7-8)

Подоцна, Господ ќе покаже што значи Неговото Крштение: вода и Крв, кои ќе потечат од неговото ребро прободено со копје, вода и Светиот Дух, огнот на Педесетницата.

Црквата крштева со вода, но Господ, кој оди пред секој човек, преку смртта и воскресението е секогаш присутен во сите Тајни на Црквата и сите ги крштева со Светиот Дух. Кога свештениците ги изговараат светите зборови на Светата Тајна, небото се соединува со земјата и Бог се соединува со човекот. Но, прифаќањето на овој дар зависи од нас и оние кои влегуваат во водата од тоа колку сите сме достојни за овој дар.

Во пресрет на Богојавление и Господовото Крштение, би требало да размислиме што сакаме: само да бидеме поросени со света вода или навистина да го промениме нашиот живот. Крштевањето Господово треба да биде поттик за промена на самите нас, а не само почит на традицијата: не само да дојдеме и да бидеме поросени со света вода, туку навистина да го промениме животот. За да не бидеме како фарисеите, кои не се променија одвнатре, туку лицемерно се преправаа дека се побожни. Да размислиме денес за зборовите на светото Евангелие и да ги промениме нашите животи. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот