На Генералната аудиенција во среда: Стравот Божји е заштита и сила од опасностите на гревот

На Генералната аудиенција во среда 11 јуни 2014 година на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец пред околу 40 илјади верници го продолжи циклусот катехези за Светиот Дух.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Со дарот страв Божји за кој што денес ќе зборуваме, ја завршуваме серијата од седумте дарови на Светиот Дух. Што значи да имаш страв пред Бог? Знаеме добро дека Бог е татко и дека нѐ љуби и го сака нашето спасение и секогаш простува, секогаш! Затоа нема причина да се плашиме! Напротив, стравот Божји е дар на Светиот Дух кој нѐ потсетува колку сме мали пред Бог и Неговата љубов и дека за наше добро е да се препуштиме со понизност, почит и доверба во Неговите раце. Тоа е страв Божји: тоа препуштање на добрината на нашиот Отец кој толку многу нѐ сака!

Светиот Дух ни дава да се чувствуваме такви какви што сме, т.е. мали, да заземеме став – кој Исус толку го препорачува во Евангелието – на оној кој сите свои грижи и очекувања ги става во Бог и се чувствува завиткан и поддржан од Неговата топлина и Неговата заштита, всушност како детето со својот татко. Тоа ни помага добро да сфатиме како стравот Божји во нас добива облик на покорност, благодарност и славење, исполнувајќи го нашето срце со надеж. Многу пати, не успеваме да го сфатиме Божјиот план и согледуваме дека ние самите не сме способни да си загарантираме на себе среќа и вечен живот. И во искуството на нашата ограниченост и нашето сиромаштво Духот нѐ теши и ни помага да почувствуваме дека е најважно да дозволиме Исус да нѐ доведе до прегратката на Неговиот Отец.

Стравот Божји ги отвора срцата, благодарение на него стануваме свесни дека сѐ е дар на милоста и дека нашата вистинска сила единствено е во тоа да го следиме Господ Исус и да Му дозволиме на Отецот да ја излие својата добрина и милосрдие. Мораме да го отвориме срцето за Божјата доброта и милосрдие да дојдат во нас, за простувањето, милосрдието, добрината, милувањето на Отецот да дојдат во нас. Бидејќи ние сме неизмерно љубени деца.

Да го следиме Господ со понизност, покорност и послушност, бидејќи нѐ продира стравот Божји, а тоа не значи да се однесуваме безволно и пасивно, па дури и со тага во срцето, туку со восхит и радост, радост на детето кое препознава дека Отецот му помага и дека го љуби. Значи не прави од нас плашливи, покорни христијани, туку раѓа во нас храброст и сила! Тоа е дар со кој стануваме сигурни, воодушевени христијани, кој не се покоруваат на Господ од страв, туку затоа што се допрени и освоени од Неговата љубов.

Дарот на страв Божји истотака е „аларм“ кој предупредува на истрајувањето во гревот. Кога некој човек живее во зло, кога хули на Бог, кога ги експлоатира другите, кога сурово постапува со другите, кога живее само за парите, за суетата или моќта или гордоста, тогаш светиот страв Божји нѐ предупредува: „Внимателно, со целата таа моќ, со сите тие пари, со целата таа горделивост, со целата таа суета нема да бидеш среќен.“ Никој нема да може со себе да ги понесе во натприродното ниту парите, ниту моќта, ниту суетата, ниту горделивоста: ништо! Можеме само да ја понесеме љубовта која Бог Отец ни ја дава, Божјите милувања кои ги прифаќаме и примаме со љубов. И можеме таму да го понесеме она што сме го направиле за другите.

Тука мислам по примерот на луѓе кои имаат одговорност над другите и се предават на корупција: но зар вие мислете дека корумпирниот човек ќе биде среќен на другиот свет? Не! Целиот плод на неговата корумпираност го расипало неговото срце и тешко него кога ќе дојде пред Господ. Тука мислам на оние кои живеат од трговијата со луѓе и ропската работа: мислете ли дека луѓето кои тргуваат со луѓе, кои ги искористуваат луѓето со ропска работа ја имаат во срцето Божјата љубов? Не! Немаат страв Божји. И не се среќни: воопшто.

Мислам на оние кои произведуваат оружје за да ги задушуваат војните… Но замислете каков видн на работа е тоа! Сигурен сум дека ако сега поставам прашање: колку од вас се трговци со оружје? Никој, никој, бидејќи тие не доаѓаат да го слушнат Божјото Слово. Тие произведуваат смрт, тие се трговци на смрт, тие продаваат смрт. Нека стравот Божји им помогне да сфатат дека еднаш сите ќе завршат и дека ќе морат да положат сметка пред Бог.

Да го молиме Господ за милост за да го придружиме својот глас со гласот на сиромашните за да го прифатиме дарот на стравот Божји и да можеме заедно со нив да препознаеме дека сме завиткани во љубовта и милосрдието на Бог кој е наш Отец, наш татко.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот