Националните и меѓународните законодавства имаат обврска да ја штитат верската слобода

Верската слобода е основно право својствено на човечкото достоинство и е показател за зрела демократија и законитост на државата. Затоа е недопустливо во светот да продолжат прогонствата и војните во име на верата. Оваа беше главната мисла во говорот на Папата до учесниците на Меѓународната конференција за верската слобода, која се одржува на римскиот универзитет Лумза.

„За секое човечко суштество е својствено да ја бара вистината за сопственото потекло, судбина и историја – рече Папата. Во неговиот ум и срце изникнуваат прашања и мисли кои не можат да бидат задржувани или изгаснати, бидејќи тие произлегуваат од внатрешноста и се својствени за човековата природа. Тоа се „религиозни прашања“ и имаат потреба од верска слобода, за да бидат изразени во целост“.

„Религиозната слобода не се однесува само на мислата или на приватниот култ – објасни Папата. Тоа е слободата што се живее според етичките принципи кои произлегуваат од пронајдената слобода, како во приватната, така и во јавната сфера. Тоа е најголемиот предизвик во глобализираниот свет во кој слабеењето на мислата го намалува основното етичко ниво и во името на една лажен концепт за толеранција, достигнува до прогон на оние кои ја штитат вистината за човекот со нејзините етички последици“.

Верската слобода има социјален и политички аспект, додаде папата Фрањо. Таа „може да помогне во развојот на взаемното почитување меѓу религиите, како и нивната соработка со општеството, без да се мешаат улогите и без контроверзи“:

„Националните и меѓународните правни законодавства се должни да ја признаваат, гарантираат и заштитуваат верската слобода, која е право типично за човечката природа, за достоинството да се биде слободен и е исто така показател за зрела демократија, како и еден од главните извори на законитоста на една држава“.

„Неприфатливо е во денешно време да продолжи прогонот од религиозни причини! – предупреди папата Фрањо. Тоа го повредува разумот, го загрозува мирот и го понижува човечкото достоинство“.

Папата потсети на Миланскиот едикт од пред 1700 години со кој цар Константин им дозволи на христијаните слободно и јавно да ја исповедаат својата вера:

„Со голема болка констатирам дека денес прогонствата против христијаните се посилни отколку во првите векови на Црквата, а бројот на христијаните маченици е поголем отколку во таа ера“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот