Направете нешто повеќе во Божиќниот пост

Направете нешто повеќе во Божиќниот пост

Започнавте со постот. Се надевам дека само со постењето нема да завршат вашите напори за заедништво со Господ. Се надевам дека постот нема да биде единственото нешто што ќе го направите за празникот. Навистина, за Божиќ е потребно и да се исповедите. Можеби досега се немате исповедано, или пак веќе многу години не сте пристапиле на света Исповед. Но нема потреба за страв, светата Исповед е знак на Божјото милосрдие и Бог не го мрази и отфрла човекот кој згрешил, туку гревот кој престојува во него.

Токму ова време е идеално да го обновиме нашиот живот со Христос. Претстојниот празник Рождеството Христово е овоплотување на Словото Божјо, односно Бог зема конкретно човечко тело, се раѓа во семејство, кај Јосиф и Марија. Зошто тогаш празнувајќи го овој празник не би посакале да се роди и во нашите срца и нашите семејства? Исповедта е вистинскиот пат кон остварување на оваа цел.

За празникот прекрасно ги чистиме нашите домови, ги украсуваме, но зарем ќе ја оставиме нашата душа за доаѓањето Христово неисчистена? Кога ни доаѓаат најблиските пријатели, роднини во посета, нормално е да се подготвиме за тоа. А за Исус?

Во овие долги ладни ноќи, зошто да не размислуваме во семејството за раѓањето на Господ. Дозволете ми да се изразам директно и не замерувајте ми, но зошто да не ги отфрлиме предновогодишните пијанки и времето да го посветиме на своето семејство, на својата сопруга или сопруг на оние кои најмногу ни значат, нашите деца, и заеднички како семејство да се обидеме да молиме, да прочитаме нешто од Светото Писмо за настанот кога Исус се родил во Витлеемската пештера. Научете ги вашите деца на таинствата на верата. Можеби и самите не ја познавате доволно. Но и тоа не е ништо страшно. Доколку се обидете можете да најдете начини, а Црквата секогаш ви стои на располагање за тоа.

Не пропуштајте ги овие моменти на Божја милост, направете нешто за вас, вашето семејство и вашите блиски. Бог е близу, ни се нуди, тропа на нашата врата, можеби токму и преку овој текст. Отворете, не плашете се!

о. Гоце Костов/к.мк

Категорија: Вера, Духовност, Колумни

За авторот