Монсињор Циримотиќ прослави 50 години свештенство

На 13 јуни 2015 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје монс. Антун Циримотиќ со свечено Евхаристиско славење го прослави својот златен свештенички јубилеј – 50 години свештенство. На Мисата беше присутен Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов, Ѓаковачко – осиечкиот надбискуп монс. д-р Ѓуро Храниќ и дваесет и седум свештеници кои пристигнаа од Македонија, Косово и Хрватска.

Меѓу собраната заедница беа присутни блиските членови на семејството, кои по рецитирањето девојчето Франциска му подари на монс. Антун комплет литургиски книги со римски мисал, евангелијар и мисница која што славеникот ја облече на почетокот на Мисата.

Зборови за добредојде и честитки на почетокот упати скопскиот парох дон Давор Топиќ.

На мисата проповедаше бискупот Стојанов кој кажа: „Почитуван оче набискупе, драг славенику, браќа свештеници, чесни сестри, драги браќа и сестри во Христа. Уште ни е пред очи убавината на овој храм кој вчера го славеше својот патронат – Пресвето Срце Исусово – а денес се собравме со благодарност кон тоа исто Божествено Срце за 50 години свештенство на нашиот драг монс. Анте Циримотиќ, кога црквата го слави празникот на Безгрешно Срце Мариино и небесниот заштитник на славеникот свети Антун Падовански.

Пред нас е отворено и прочитано Божјото Слово. Евангелието ни зборува за изборот на учениците кои Господ ги испраќа да го навестуваат она што Тој го навести во Назарет, а кое што од секогаш небесниот Отец му го доверил на Својот Син. Единствен посредник на небото и земјата е Исус Христос. Единствен Спасител на светот е Исус Христос. Но, тоа прекрасно Божествено Срце Исусово во таа своја единствена избраност отвора невидени можности за човекот. Го отвора своето срце за секој човек и му го навестува спасението. За тоа спасение да го овоплоти и по своето вознесение избира ученици кои не ги нарекува слуги, туку пријатели. Веројатно ќе остане длабока тајна во срцето на нашиот славеник кога и на кој начин во родното Јањево одекнал тивкиот збор Исусов: Анте, дојди и следи ме. Се упатило момчето на тој пат, веројатно не насетувајќи што сè го чека до овој ден. Ја поминал семинаријата во Пазин, Теолошкиот факултет во Загреб и е ракоположен за свештеник на 4 јули пред 50 години во катедралата во Призрен преку рацете на епископот Смилјан Чекада кој станува надбискуп врхобосански. Во тој час на младиотлевит слегнал Духот Господов и го помазал да биде благовесник буквално на сиромашните – да ги лекува скршените срца, да прогласува ослободување за затворениците, да ги утешува тажните и да ги помазува со елеј на радоста – во пасторалната работа, како парох во Зјум на Косово, а потоа ја презема службата секретар на нашиот епископ Јоаким Хербут и од тоа време до денес извршува многу должности кои се значајни за целата бискупија проживувајќи падови и подеми, поднесувајќи ги сите непријатности и напори кои барале нови и нови предизвици на овие наши страни. И денес пред нас е свештеник кој стои чесно и исправено како сведок на педесет години предодреден пат во служба на Скопската бискупија. Не стекнал никакво богаство, не понесол ниту торба, ниту обувки, но на многу домови навестил: „мир на ова куќа.“

Драги браќа и сестри, секој свештенички јубилеј, ракополагање или со било која друга прослава Бог сака да ни проговори. Најпрво неговата порака е: Јас сум со вас во сите денови со свршетокот на светот. Монс. Циримотиќ го препорачувам на Безгрешното Срце на Небесната Мајка која е Мајка на свештениците, да го штити свети Антун чие име го носи и додека му се заблагодарувам за педесетте години верно служење на скопската црква му посакувам долг живот, добро здравје и мирна старост, од ден во ден и понатаму меѓу нас да биде знак на присутниот Христос – Свештеник“, рече епископот Стојанов и му го предаде на славеникот подарокот мисница.

По молитвата после причеста честитки упати монс. Никола Дучкиќ, потоа парохот од родното место на монс. Циримотиќ од Јањево дон Мато Палиќ заедно со верниците му подари на славеникот крст, земја од Јањево,… Во име на скопската катедрална парохија две деца му подарија на славеникот слика од свети Антун Падовански и букет цвеќе. На крајот на литургиското славење монс. Циримотиќ се заблагодари на Господ за дарот на животот и светштенството и на сите кои се собраа заедно со него да му се заблагодарат на Бог за милостите кој му ги даде за да може да служи на Црквата.

На Мисата пееше парохискиот катедрален хор под водство на сестра Татјана Атанасова. А за свеченото Мисно славење со своето служење допринесоа и министрантите од парохијата.

Во поладневните часови славењето продолжи во ресторант Рагуза во Скопје. На почетоко беа прочитани пристигнатите честитки по повод прославата на златниот јубилеј: од надбискупот врхобосански и митрополит за скопската бискупија кардинал Винко Пулиќ, од апостолскиот нунциј за Македонија надбискуп Анселмо Гуидо Пекорари; белградскиот надбискуп монс. Станислав Хочевар; од хрватската провинција на Милосрдните сестри на светиот Крст, а во текот на ручекот од надбискупот ѓаковачко-осиечки монс. Храниќ, од генералната поглаварка на сестрите Евхаристинки сестра Максимилијана и од генералниот викар на бискупијата во Дубровник монс. Петар Палиќ и други упатија честитки до славеникот. Исто така беше прикажан преку презентација со слики и зборови животот на монс. Циримотиќ, а ова прослава посебно ја возвеличии создаде пријатна и радосна атмосферасо своето пеење парохискиот бенд Агапе предводен од капеланот дон Јошт Мезег.

д.Д.Т./Превод: Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот