Монашките заедници треба да вложуваат во стручни водачи

Монашките заедници треба да вложуваат во стручни водачи

На 28 јануари 2017 година Папата ги прими во аудиенција учесниците на пленарното собрание на Конгрегацијата за институциите на посветен живот и општествата на апостолскиот живот.

Одговарајќи на поздравот на кардиналот Жао Браз де Авиз, префект на Конгрегацијата, Светиот Отец се заблагодари на сите за нивната работа и ја истакна важноста на темата за која расправаа, додавајќи дека верноста е на големо искушение. Многу нѐ загрижува напуштањето на монашкиот живот, бидејќи го ослабнува посветениот живот и животот на самата Црква – рече Папата, додавајќи дека многу фактори ја условуваат верноста на посветениот живот.

Како прв фактор Папата ја спомна културата на расцепканост, привременост која се сместила во општеството, а која поттикнува живеење „направено по мерка“, односно робување на модата. Таа култура упатува на потребата за „споредни врати“, кои секогаш се отворени за други можности; промовира потрошувачки менталитет, заборавајќи ја убавината на едноставното, трезвено живеење и така предизвикува голема егзистенцијална празнина. Освен тоа, раширениот практичен релативизам оддалечува од вистинските вредности на Евангелието. Економските правила во денешното општество ги заменуваат моралните, ги одредуваат законите и промовираат сопствени системи на штетата на вредности во животот. Дикататурата на парите и профитот ги вреднува само оние луѓе кои се способни да го зголемат профитот. Јасно е дека во таква ситуација најпрво треба да се препуштиме на евангелизирањето, а потоа да евангелизираме – рече Папата и се осврна на светот на младите.

Освен наведениот фактор во општествено – културниот контекст, треба да се потсети и на другите, а еден од тие е светот на младите, многу сложен, истовремено богат и предизвикувачки. Во светот има многу великодушни млади, солидарни и опфатени на верско и општествено подрачје, кои копнеат за вистински духовен живот. Но, и меѓу младите има многу жртви на логиката на световноста, која се покажува во трчањето по успех по секоја цена, копнежот за лесна заработка и за уживање. Таа логика заведува многу млади, кои мораме да ги следиме. На нив треба да им се сведочи убавината на Евангелието и припадноста на Христос. Таа  култура треба да се евангелизира; не сака младите да ѝ робуваат – рече Светиот Отец, а потоа се осврна на третиот фактор кој е повод за напуштање на монашкиот живот.

Тој фактор е во самиот посветен живот, а тоа е недоследноста која ја отежнува верноста, потоа „рутината“, заморот, товарот да се управува со структурите, внатрешните поделби, желбата за моќ, световно водење на заедницата, деспотско интерпретирање на авторитетот или пак претерена опуштеност. Ако посветениот живот сака да го задржи своето пророчко послание и својот шарм, ако сака да биде училиште на верноста за оние кои се близу и оние кои се далеку (Ефес 2, 17), тогаш мора да ја чува свежината и новоста на Исусовата централна улога, привлечноста на духовноста и силата на посланието, мора да ја сочуваат убавината на наследувањето на Христос и да ја шири надежта и радоста – предупреди Папата.

Говорејќи пак за животот во институтите на посветениот живот, Светиот Отец го истакна негувањето на братството, кое се зацврстува во заедничката молитва, медитирањето за Словото Божјо, активно учество во светата Тајна Евхаристија и Помирување, братскиот дијалог, искреноста, братската опомена, милосрдието кон членот кој греши и поделбата на одговорностите. Заедничкиот живот треба да биде исполнет со радосно сведочење на едноставното живеење со сиромашните и послание кои ја привелигира егзистенцијалната периферија. Обновата на братскиот живот во заедницата во голема мера зависи од пасторалот за звања и упорноста на младите – рече папата Фрањо додавајќи:

Звањето е богатство, како и верата, која ја носиме во глинени садови, затоа секој мора да го чува и секој ден да го зацврстува во молитвата и соодветната теолошка и духовна поткрепа која заштитува од модата и културата на минливоста, а овозможува постојано одење во верата. На тие темели е можно да се живеат евангелските совети и да се стекнуваат Христовите чувства (Филипјани 2, 5) Звањето е дар кој сме го примиле од Господ, кој го свртел својот поглед на нас и нѐ засакал (Мк 20, 21), повикувајќи нѐ да Го следиме во посветениот живот и истовремено да бидеме одговорни за примениот дар – рече Светиот Отец.

Говорејќи пак за верноста и напуштањето ја истакна важноста на духовното водство во посветениот живот. Монашките заедници треба да вложуваат во стручни водачи. Тешко е да се остане верен под водство на нестручни водачи. Стручните водачи личноста треба да ја водат така што во нив можат во моментите на неснаоѓање и малаксаност со Божјото Слово и со Евахристијата да ја зацврстат верата и надежта (Лк 24, 13-35). Многу е чувствителна задачата на духовниот водач. Многу звања се губат заради нивната нестручност, а на сите нас, посебно во моментите на слабости, е потребна соодветна поддршка – рече папата Фрањо.

Стручното водство го гарантира трајното расудување кое ја открива Божјата волја, го бара она што на Бог му е угодно, како што би кажал свети Игнациј, или кажано со зборовите на свети Фрањо Асишки „секогаш сакај го она што на Бог му се допаѓа.“ Водството подразбира силна духовна чувствителност, трајно преиспитување на самиот себе пред другите, ослободено од предрасудите и личните или заедничките интереси. Не треба да заборавиме дека расудувањето не е избор помеѓу доброто и злото, туку помеѓу доброто и подоброто, помеѓу она што е добро и она што води до поистоветување со Христос – заврши Светиот Отец, а потоа на сите им подели благослов.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот