Монашка заедница само за тебе

Монашка заедница само за тебе

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Видовме дека уште како дете, Еврозија чувствувала посебен повик кон посовршениот живот. Во редовите на Мариините девојки, како молителка, како учителка на своите браќа и како учителка по катехизис на малите девојчиња во прв ред, секогаш ја барала Божјата слава: набожноста кон светата Причест, предаденоста за спасение на душата на ближниот, активната набожност – сето ова, ја правело чесна сестра во цивилна облека. Но, таа била чесна сестра и по душа, зашто никаква световна љубов не проникнала во нејзиното чисто срце. Навистина, таа многу ги сакала своите родители, им се посветувала на своите браќа и сестри, но нејзиното срцето било посветено на Небесниот Младоженец, на преблагиот Христос.

На 28 октомври 1883 година, Еврозија пристапила во третиот ред на свeти Фрањо. Откако поминала една година како послушничка, на 30 октомври 1884 година таа дала завет да го живее светиот устав на терцијарите. Освен тоа, таа му ветила на Бога дека ќе ја чува девственоста.

Таа се трудела да ги следи посветените души на Бога во сè, на чесните сестри кои целосно се откажале од светот и од неговите суети. Кога била дома молитвите секогаш ги кажувала во определено време, одела на света Литургија не само во неделите и на празниците, туку и во обичните денови, речиси секој ден се причестувала.

Световните радости и забави воопшто не го привлекувале срцето на Еврозија, иако за да го зачува својот брат од искушенијата на светот, била принудена да го придружува на веселбите и забавите кои имале чиста намера. Таа своето срце никогаш не го отргнувала од својот Небесен Младоженец кого веќе го одбрала.

Еврозија честопати помислувала дали би било подобро да влезе во некој манастир и целосно да му се посвети на Бога и на Божествениот Учител. Во здружението на Мариините девојки, во редовите на сестрите Кланителки на светата Причест и во третиот ред на свети Фрањо таа чувствувала дека е поблиску до Христа, но не била задоволна во целост, бидејќи Божјиот глас ѝ рекол дека треба целосно да се предаде во рацете на Исуса и само Нему да му припаѓа.

Еврозија чувствувала голема одговорност, бидејќи била задолжена да се грижи и за нејзиното семејство. Таткото, кој треба да се грижи за егзистенцијата на многубројното семејство, не можел да посвети доволно време на воспитувањето на своите деца; мајката, поради својата болест, морала постојано да лежи во постела, не можејќи да работи никаква домашна работа. Еврозија, како најстара сестра, требало да ја замени својата болна мајка не само во домаќинството, туку и во грижата за воспитувањето на своите помали браќа и сестри.

Така, иако имала голема желба целосно да му се посвети на Бога во некој манастир, таа, од друга страна, чувствувала дека е многу потребна и дома.

Но, годините минувале, малите браќа и сестри пораснале и станале независни во животот. Јосиф, првенецот во семејството Алоати веќе бил мисионер, член на монашката заедница на Лазаристите. Од 1882 година тој работел со апостолска предаденост во Македонија, меѓу македонското население. Мелхиор, помладиот брат на Еврозија, исто така му служел на Бога во конгрегацијата на Лазаристите, Христина која пет години била помлада од Еврозија уште во 1882 година влегла во манастирот на сестрите Сакараментинки каде Му служела на Бога само неколку години. Наталија, најмалата сестра, пораснала и ја наследила Еврозија. Најпосле, Венјамин, што семејството го знаело како Франческо веќе го завршил школувањето и бил созреан телесно и умствено.

Ослободена од домашните обврски

Значи, Еврозија можела да мисли дека е ослободена од домашните обврски, затоа што сестра ѝ Наталија успеала да ја замени во домаќинството. Во оваа состојба, започнала почесто да мисли на својот повик. Таа веќе решила да влезе во манастирот, но сè уште не можела да се определи каде да влезе. Имала наклоност и сакала да влезе во монашките редови кои се контемплативни и активни за благородни цели. Но, како одлична христијанка, Еврозија не сакала да прави ништо без да го праша својот духовен раководител. Таа, на својот духовен татко му ги кажувала сите свои душевни преживувања, искрено го отворала своето срце; ги искажувала со чисто срце своите набожни желби поттикнати од Божјата благодат.  Еврозија го барала својот пат, а духовникот мудро ја советувал зашто сакал недвосмислено да го слушне гласот Божји. Со текот на времето, мислата за монашкиот живот сè повеќе го заземала срцето на набожната Еврозија.

Понекогаш се обесхрабрувала и барала од својот исповедник утеха и водство. Еднаш, наоѓајќи се во слично душевно расположение, таа му кажала на својот духовен татко:

– Оче, годините минуваат, а јас сè уште не можам конечно да се решам за мојот повик, во однос на редот. Кога ќе остарам, нема да ме примат во ниедна монашка заедница. Духовникот кој сакал да ја испроба истрајноста на Еврозија ѝ одговорил:

 – Мила ќерко, ако Господ навистина сака да станеш чесна сестра, Тој ќе ти покаже да најдеш манастир, во кој ќе Му се посветиш. Ако пак не најдеш таков манастир, Бог може да основа една заедница само за тебе… Биди стрплива и остави да се погрижи Небесниот Отец.  Еврозија ги ислушала со големо внимание зборовите на својот духовник и нашла утеха во нив. Загатнувањето од свештеникот за една нова заедница ѝ направило особено голем впечаток. Како што ќе видиме понатаму, овие зборови на духовникот се покажале пророчки.

 „Заедница само за тебе …”

Зборовите кои ѝ ги кажал духовникот: „Господ ќе создаде заедница само за тебе…” не ѝ излегувале од мислите. Таа си замислувала нејасно дека некогаш може да застане на чело на некој монашки ред за девојки, за да го води по патот кон рајот, но нејзината идеја сè уште не била зрела и поконкретно не се оцртувала. Сепак, набожната девица чувствувала голема духовна радост, кога била преокупирана со овие набожни мисли за Бога. Во тоа време, имало момчиња кои копнееле да ја најдат својата семејна среќа, поврзувајќи ги деновите со неа, која била прочуена во целиот град Торино по својот примерен живот и со своите христијански добродетели. Освен тоа, Еврозија имала убав лик и била од добро семејство. Имало повеќе момчиња кои сакале да ја добијат раката на Еврозија, но се повлекле кога разбрале дека нема да најдат единство во срцето на најстарата ќерка на Катерина Алоати.

Но, едно примерно момче настојувало повеќе од другите. Тој бил добар христијанин и се исповедал кај истиот свештеник кој бил духовник на Еврозија.  Доброто момче сторило сè за да ја добие раката на Еврозија, но таа љубезно му одговорила дека решила својот живот да му го посвети на Небесниот Младоженец и да Му служи како чесна сестра.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

 

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот