Молитвена осмина за единство на христијаните – Пети ден

Молитвена осмина за единство на христијаните – Пети ден

Тема: Дозволи да те промени Божјото Слово

„Вие сте веќе чисти преку Словото“ (Иван 15, 3)

Читање од Петата книга Мојсеева (30, 11-20)

„Словото е многу близу до вас“

Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе. аа не е на небото за да може да се каже: „кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?”; ниту е преку море, за да може да се кажи: „кој од нас би отишол преку море и би ни ја земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?” Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш. Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господа, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш; ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се клањаш на други богови и да им служиш, тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата, која Господ Бог ти ја дава, откога ќе го минете Јордан, за да ја наследите таму. Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на татковците твои – Авраама, Исака и Јакова, дека ќе им ја даде.”

Читање на светото Евангелие според Матеј (5, 1-12)

„Блажени се“

Кога го виде народот, Он се искачи на планината; а штом седна, учениците Негови се приближија до Него. И кога ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше: “Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно. Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно! Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене! Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.

Размислување

Божјото Слово е близу до нас. Тоа е благослов и ветување за среќа. Ако ги отвориме срцата, Бог зборува со нас и трпеливо преобразува во нас сè што е замрено. Тој го отстранува она што го спречува неговиот раст во стварниот живот, како што лозарот ја обрежува лозата.

Ако сами или во група размислуваме за библиски текстови, нашата перспектива се менува. Многу христијани секој ден ги молат блаженства. Ни ја откриваат среќата сокриена во она што е неисполнето, среќата што е на онаа страна од страдањето: блажени се кои ги допрел Духот, повеќе да не ги задржуваат солзите, туку да ги пуштаат да течат и на тој начин да најдат утеха. Тие го откриваат изворот, кој се крие во нивната внатрешност. Така, во нив расте гладта за праведност и жедта да се работи заедно со другите за свет на мирот.

Секогаш сме повикани да ја обновиме нашата посветеност за животот преку размислување и дејствување. Понекогаш веќе овде и сега добиваме предвкус на блаженството, кое на крајот на времињата ќе биде потполно.

„Моли и работи за да дојде Царството Божјо. Дозволи во твоето секојдневие работата и тишина да заживеат со помош на Божјото Слово. Во сето тоа зачувај го внатрешниот мир за да останеш во Христос. Нека те проникне духот на блаженствата, радоста, едноставноста и милосрдието.

Молитва

Благословен си ти, Боже, наш Отец, за дарот на Твоето Слово во Светото Писмо. Благословени си, поради неговата моќ, која преобразува. Помогни ни секогаш да го одбираме животот и води нè со твојот Свет Дух, да ја искусиме таа среќа, во која Ти со задоволство сакаш да ни дадеш удел. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот