Молитвена осмина за единство на христијаните – Трет ден

Молитвена осмина за единство на христијаните – Трет ден

„Цел и смисла на Молитвената осмина за единство на сите христијани, кои припаѓаат на различни цркви е да се молат за единството христијаните во период од осум дена, поттикнати од иста библиска содржина и истите тематски размислувања, во согласност со Исусовата молитва и желбата за единство. На неговите ученици оваа желба ја искажа на многу места во Евангелијата, а особено е нагласено, дури и драматично, на неговата последна вечера“.

Тема: Да се биде едно тело

„Љубите се еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Иван 15,12)

Читање од посланието на светиот апостол Павле до Колосјаните

„Облечете се во милосрдност“

12.И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; 13. трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! 14. А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството, 15. и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни! 16. Словото Христово изобилно нека се всели во нас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши! 17. И сè што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!

Читање од светото Евангелие според Иван (13,1-15;34-35)

„Љубите се еден со друг, како што ве возљубив Јас“

1.А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака. 2. И на вечерата, кога ѓаволот беше вдахнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде, 3. Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете и +дека од Бога излегол и дека при Бога оди, 4. стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша; 5. потоа истури вода во сад за миење и почна да ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан. 6. Дојде и при Симона Петра, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?” 7. Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.” 8. Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои!” Исус му одговори: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене.” 9. Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата.” 10. Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.” 11. Бидејќи Он знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: „Не сите сте чисти.” 12. А кога им ги изми нозете, ја облече облеката и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли, што ви направив? 13. Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков. 14. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. 15. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас. 34. Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. 35. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.”

Размислување

Во предвечерието на неговата смрт, Исус клекна пред своите ученици за да им ги измие нозете. Го познава тешкотиите на заедничкиот живот и важноста да се биде подготвен за простување и меѓусебното служење. „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене” – му вели Исус на Петар.

Петар го прифати Исусовиот гест, бил измиен и трогнат од понизноста и нежноста на Исус. Подоцна го следел примерот на Исус и ѝ служел на заедницата верници во раната Црква.

Исус сака животот и љубовта да течат низ нас како што сокот на животот тече низ лозата, за да бидат христијанските заедници едно тело. Но, денес, како и во минатото, не е лесно да се живее заедно. Ние честопати се соочуваме со свои сопствени граници. Не успеваме секогаш да ги сакаме оние со кои живееме заедно, во семејството или заедницата. Понекогаш нашите односи се прекинуваат целосно.

Преку Христа сме повикани да се облечеме во милосрдие и да се осмелуваме секогаш да започнуваме.

Сигурноста дека Бог нè сака ни овозможува едни со други да си бидеме добредојдени и со своите доблести и со своите маани. Тогаш Христос е во нашата средина.

„Скоро со ништо, создаваш помирување во таинството на заедницата, а тоа е Црквата. Заедничката посветеност те поттикнува – радувај се, повеќе не си сам, во сѐ одиш по патот со своите браќа. Со нив си повикан да воспоставиш пример за заедништво.“

Молитва

Боже, Оче наш, ти ни ја објавуваш својата љубов преку Христа и преку нашите браќа и сестри. Отвори ги нашите срца, едни со други да се прифатиме во разликите и секогаш да бидеме подготвени да си простуваме едни на други. Дај ни да живееме во единство во едно тело и да сфатиме дека секој човек е дар. Дај да бидеме слика на живиот Христос. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот