Молитвата значи да се биде со Бог

Молитвата значи да се биде со Бог

Молитвата значи да се биде со Бог, да се живее со Бог, да се љуби Бог – истакна папата Фрањо во својата порака која ја објави на својот профил на Твитер, на 2 мај 2018 година.

Светиот Отец во повеќе наврати зборуваше за важноста на молитвата за христијанскиот живот. Така во интервјуто за списанието на исусовците „La Civiltà Cattolica“, кое е објавено во 2013 година, Папата објаснува дека молитвата за него секогаш е полна со спомени, сеќавања, вклучувајќи ги спомените на сопствената историја или она што Господ го направил во својата Црква или во некоја посебна парохија.

За мене споменот е оној за кој зборува свети Игнациј во првата недела од Духовните вежби за средбата со милосрдниот Христос Распнат – рече папата Фрањо. Се прашувам: Што сум направил за Христос? Што правам за Христос? Што треба да направам за Христос? Тоа е спомен за кој свети Игнациј зборува и во размислувањето за љубовта, кога бара да се присетиме на примените благодати. Меѓутоа пред сѐ јас знам и дека Господ и мене ме спомнува. Јас можам Него да го заборавам, но знам дека Он никогаш, никогаш мене не ме заборава. Спомените претставуваат радикален темел на срцето на еден исусовец.

Во животот најважна е молитвата – рече Светиот Отец на 8 октомври 2013 година на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, во Ватикан. Но не молитвата со јазикот, папагалска – продолжи Папата – туку молитвата со срцето: да се гледа Господ, да се слуша, од Него да се бара. Ние знаеме дека молитвата прави чуда.

Ако не молиме на Господ му затвораме врата – предупреди во таа прилика папата Фрањо. А да не молиш значи да му оневозможиш на Бог било што да направи. Напротив, да Му се обраќаш на Бог кога си во проблеми, во тешки ситуации или во некоја несреќа, значи да му ја отовориш вратата за да може да дојде. Тој обновува сѐ, знае да ги среди работите. Ова е молитвата: отворање врата на Бог за да може да ги „среди работите.“ Но ако вратата ја затвориме, Бог ништо не може да направи – рече Светиот Отец.

Зборувајќи пак за време на Генералната аудиенција на 7 мај 2014 година за дарот на советот, Светиот Отец напомена дека е важен услов за зачувување на тој дар е молитвата. Треба да ги молиме молитвите кои ги знаеме уште од мали нозе, но и да молиме со свои зборови – рече папата Фрањо и продолжи: Да го молиме Господ: „Господи, помогни ми, советувај ме што морам сега да направам.“ Со молитвата создаваме простор Светиот Дух да дојде и да помогне во тој момент, да нѐ советува за она што сите мораме да го направиме. Молитва! Никогаш не ја заборавајте молитвата! Никогаш! Никој не забележува кога молиме во автобус, на улица: да молиме во тишината на срцето. Да ги искористиме тие моменти за молитва, да молиме Светиот Дух да ни го даде дарот на советот – рече меѓу останатото Папата.

РВ/к.мк

Таг: Твитер порака

Клучни зборови: папата Фрањо, твитер порака, молитва

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот