Младите од Петралинци во посета на старите и болните лица во парохијата

Приклучувајќи се на прославата по повод канонизацијата на Мајка Тереза младите од католичката парохија „Свети Кирил и Методиј“ од Петралинци во духот на милосрдието кое света Мајка Тереза гo промовираше низ цел свет, ги посетија старите и болните лица во парохијата во средата на 7 септември 2016 година.

Започнувајќи ја активноста со молитва во црквата, младите заедно со парохот о. Ѓорѓи Појразов со посетата на старите и болни лица во парохијата сакаа да ја изразат својата близина, да ја покажат својата грижа за овие луѓе и да им посветат дел од своето време покажувајќи им дека не се заборавени.

За време на посетата младите им зборуваа за животот на света Мајка Тереза како и тоа дека се поттикнати токму од нејзиниот пример за да ги посетат посебно во овој период кога ја славиме нејзината канонизација. Слушајќи ги нивните приказни, тие за возврат добија насмеани лица на старите луѓе, голема радост затоа што се „сетиле да ја отворат нивната врата“- како што истакна една жена која долги години е неподвижна, како и ветување дека ќе се молат до света Мајка Тереза.

к.мк/Коста Узунов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized

За авторот