Мирот е Божји дар, но и труд на луѓето

Мирот е Божји дар, но и труд на луѓето

Цивилизацијата не може да се гради ако не се отфрли секоја идеологија на зло и насилство, и секое екстремистичко толкување – истакна папата Фрањо на средбата со претставниците на египетските институции, дипломатскиот кор и египетското граѓанско општество, на 28 април 2017 година.

Освен тоа, Папата предупреди дека вистинскиот развој се мери според грижата која се посветува на човекот, а големината на секоја нација се покажува во грижата која таа навистина ја посветува на најслабите во општеството.

Истакнувајќи ја важноста на Египет во историјата на човештвото и за традицијата на Црквата, Папата потсети дека во таа земја Бог се прогласи, го објави на Мојсеј своето име, а на Синај на својот народ и на целото човештво му ги довери заповедите. На египетско тло, Светото семејство, Исус, Марија и Јосиф, наидува на гостољубивост и пронаоѓа засолниште – рече Папата и додаде дека и денес во таа земја наидуваат на прифаќање милиони бегалци од повеќе земји, меѓу кои ги истакна Судан, Еритреја, Сирија и Ирак, кои настојуваат да се интегрираат во египетското општество.

Заради својата историја и посебната географска положба, Египет има – како што рече Светиот Отец – незаменлива улога на Блискиот Исток и во контекст на земјите кои бараат решение за горливите и тешки проблеми. Под тоа мислам – рече папата Фрањо – на слепото и нечовечко насилство предизвикано од различни фактори: безчувствителната желба за моќ, трговијата со оружје, тешките општествени проблеми, и верскиот екстремизам кои светото Божјо име го користи за неверојатни крвопролевања и неправди. Освен грижата на сите граѓани да им се загарантира лебот, слободата и општествената правда, задачата на Египет – според зборовите на Папата – е да се зајакне и зацврсти мирот на целото тоа географско подрачје, иако мирот и на сопствената земја е ранет од слепото насилство.

Папата потоа своите мисли ги упати посебно на сите оние кои последните години го дадоа својот живот за татковината и на сите кои ги погодија атентатите на коптските цркви, во декември минатата година, и неодамна во Танта и Александрија. На нивните роднини и на целиот Египет Папата им изрази сочувство, и упати молитви до Господ за брзо оздравување на ранетите.

Зборувајќи потоа за развојот, благосостојбата и мирот кои се добра од кои никој не може да се откаже, и кои – како што рече Светиот Отец – ја заслужуваат секоја жртва, Папата додаде дека тие се цели кои бараат сериозна работа и уште повеќе, безусловно почитување на неотуѓивите човекови права, како што е еднаквоста на сите граѓани, и слободата на верата и изразувањето, без никакви разлики.

За да се постигне тоа потребно е посебно внимание кон улогата на жената, младите, најсиромашните, и болните. Имено, вистинскиот развој се мери според грижата која се посветува на човекот, односно неговото образование, здравјето и достоинството, а големината на секоја нација се покажува во грижата која таа навистина ја посветува на најслабите во општеството: жените, децата, старите луѓе, болни, инвалидите, и малцинствата, за ниту еден човек и ниту една општествена група да не биде исклучена или оставена на работ на општеството – истакна Папата.

Во однос на многу чувствителната и слоевита состојба во светот, на „светската војна во делови“, Папата истакна дека не може да се гради цивилизацијата ако не се отфрли секоја идеологија на зло и насилство и секое екстремистичко толкување кое сака да го поништи другиот и да ја отстрани различноста манипулирајќи и навредувајќи го Божјото свето име. Должност на сите нас е да се поучат новите генерации дека Бог, Создателот на небото и на земјата, не треба да го бранат луѓето, уште повеќе Он ги штити луѓето. Тој никогаш не сака смрт на своите деца, туку нивниот живот и среќа; Тој не може да бара, ниту да го оправдува насилството; уште повеќе чувствува одбојност и го отфрла. Вистинскиот Бог повикува на безусловна љубов, на бесплатно простување, на милосрдие, на целосно почитување на секој живот, на братство меѓу неговите деца, верниците и неверниците.

Наша обврска е – додаде Папата – заедно да истакнеме дека историјата не простува на оние кои зборуваат за праведноста, а практицираат неправда; непростува на оние кои зборуваат за еднаквоста, а го отфрлаат поинаквиот од себе. Историјата, напротив ги почитува градителите на мирот, кои храбро и без насилство, се борат за подобар свет. Наша обврска е да ја ги разоткриеме продавачите на привидот за другиот свет кои шират омраза за на едноставните луѓе да го киднапираат нивниот сегашен живот и нивното право на достоинствен живот – истакна папата Фрањо.

Меѓу останатото, Светиот Отец потсети дена ова година се слави 70 годишнина од дипломатските односи помеѓу Светиот Престол и Египет кои – како што рече – секогаш биле одбележани со пријателство, почитување и взаемна соработка, и посака таа негова посета уште повеќе да ги зајакне и зацврсти. Повикувајќи потоа мир за таа земја, Папата исткна дека мирот е Божји дар, но и труд на луѓето. Мирот е добро кое треба да се гради и штити, почитувајќи го начелото кое го потврдува силата на законот, а не законот на сила – рече и повика мир и за целото тоа подрачје, а посебно за Палестина и Израил, Сирија, Либија, Јемен, Ирак, Јужен Судан и за сите луѓе со добра волја.

Освен сите египетски настани, папата Фрањо на крајот упати поздрав до браќата христијани кои живеат во таа земја, напоменувајќи дека покажале и секогаш покажуваат дека може заедно да се живее, со взаемно почитување и искрен разговорот, пронаоѓајќи во разликите извор на богатство, а не причина за конфликт.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот