Милосрдие, Милосрдие!

29 Недела во годината

Во првото читање од оваа недела слушаме за борбата на Израелците за ветената земја, крвава, насилна борба. Во второто читање и евангелието слушаме за Божјото нежно и постепено воспитување кое го доведе човекот до точка да сфати дека вистинската војна е духовната, дека неговата борба не е против крв и месо, туку против злите духови кои пребиваат во овој мрачен свет, како што вели свети Павле. Злиот дух – Сотоната во превод значи тужител. Во денешното евангелие една вдовица го моли судијата во градот да ја одбрани од нејзиниот тужител.

Човекот живееше во рајот, во потполен склад со Бог, браќата, природата и со самиот себе, сѐ додека не го послуша гласот на Тужителот. Најпрво го оптужи Бог дека тој не е Љубов, дека тој нешто мати, сокрива, дека е љубоморен, не сака да станеме како него. Човекот ја прифати оваа опасна, разорна мисла и на тој начин во него влегува духот на тужителот – Сотоната. Адам и Ева кои претходно беа подготвени да го положат животот еден за друг, започнуваат да се оптужуваат. „Што направи?“ рече Бог. Адам одговара: „Жената која ми ја даде Ти, ме измами и јас јадов, таа е виновна, казни ја неа, не мене“.

Влегувајќи во светот на оптужување на другите, влегуваме во свет на лаги, свет на трпење во кој владее зол дух –Тужител. Она што ни е најважо е да го најдеме виновникот, да се префрли вината на некој, да се пронајде крампусот и да се запали, да се уништи. Виновен е мојот татко, мојата жена, виновни се политичарите, моите зли соседи. Во такво изопачено размислување жртвата секогаш сум јас, другиот е напаѓачот. Ниту една војна не би започнала, ако на почетокот ја немаше оваа лага – ние сме ЖРТВИ, значи имаме ПРАВО да нападнеме. Во зародишот на секоја лутина, убиство, кражба, долгогодишно неразговарање во семејството стои токму оваа лага.

Луѓето се фрлале во јами уверени дека постапуваат исправно, праведно. Добро е сокриен тој зол дух во мене и во тебе. Најде најскришно место – НАШИТЕ РАНИ. И од тие рани вика: „Правда, правда“.

Словото Божјо ми вели: љуби и ќе живееш. Злиот дух ме фати во стапицата на моите рани. Како да љубам на крстот, кога другиот ме презира. А кога не љубам, не простувам, тогаш умирам, не живеам. Ја одбирам смртта. Ја избирам „слаткоста“ на осветата, ја сакам повеќе темнината од светлината. А злиот дух се смее.

Изворот на ова зло е ЛАГАТА, горделивоста, се правам Бог.

Секој ден од мојот живот ми покажува дека сум никој и ништо, слаб пример, лицемер, лажливец. И физички сум беден. Моето срце и сега може да запре да чука и јас не можам ништо.

Тогаш кој ме лаже дека сум некој и нешто, дека сум центар на светот: од каде доаѓа оваа лага. Можеби од природата, во која е сѐ вистина и совршено?

Оваа лага е против природна или надприродна, затоа објавата зборува за зол дух, Лажливец и човекоубиец од почетокот.

Во мене пребива освета, суровост, лакомост, страст, способен сум да искористам некоја личност како да е предмет… Тоа не доаѓа од природата, бидејќи на тој начин природата би се уништувала самата себе. Тоа е мојата болест или ранетост.

Ниту пак лекот за оваа моја болест не е во природата, доброто воспитување, не е во тоа да се научам на бон тон, тоелранција, да испијам една за смирување, повеќе да се занимавам со спорт, да прочитам повеќе книги, да студирам…

Исто како и отровот и лекот е надприроден – МИЛОСТ –во присуство на Параклет – БРАНИТЕЛОТ – Светиот Дух.

Во оваа ситуација Бог не нѐ остава. Се овоплоти, стана еден од нас, син на Светлината меѓу синовите на темнината, за да не расветли. Дојде меѓу своите, а своите не го примија – го ОБВИНИВМЕ дека тој е виновен за сѐ. Кажавме дека тој е Велзевул – началник на ѓаволите, главниот виновник. Го ранивме.

На крстот се покажа дека тој нема во себе зол дух, бидејќи не ОПТУЖУВА:„прости им Оче“, најде извинување за нас – одбрана – „не знаат што прават“.

Злиот духот не можеше да влезе во неговите рани. Куќата не беше празна. Таму беше Светиот Дух. Од неговите рани се излеа врз сите нас. Неговите рани нѐ излечија.

Нѐ љубеше до крај и не падана во безизлезна замка, барајќи виновник. Беше полн со Бранители, со него нѐ брани и нас пред Отецот „ не земај им го ова за грев“, спротивно од Адам – од мене и тебе, бара казна за СЕБЕ наместо за Ева – Црквата – ние грешниците кои заслуживме да бидеме казнети поради нашите гревови, заслуживме да бидеме разоткриени во нашите лаги, лицемерието. А тој го зеде тоа врз себе. Беше оптужен за она што сме јас и ти. Преваранти.

Овој Дух и денеска е присутен во Црквата, се дава на малите, кои се свесни на својата реалност, кои деноноќно повикуваат да бидат ослободени од тужителот, кој не ни дава мир, нѐ тера да ги осудуваме браќата и така ни ја зема ветената земја – животот вечен. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата. Кој не љуби останува во смртта.

Единствената вистина е Љубовта, не чувствата или страста, кои се губат, туку да се даде животот за другиот, земање на туѓите гревови врз себе.

Сето останато е пусто тапкање и испразност. Демонот тужител по цел ден кај оние кои пропаѓаат им вика: „ПРАВДА, ПРАВДА!“, а кај избраните Бранителот им шепоти „МИЛОСРДИЕ, МИЛОСРДИЕ!“

Возљубен брате и сестро, кога ќе се сретнеме со Христос што ќе најде во мене и тебе (Ќе најде ли вера на земјата?), Бранителот и една вистинска вера во Бог објавена на крстот или само налик на побожност зад која стои зол дух кој деноноќно ги оптужува браќа.

Нашиот Мојсеј Исус Христос ги рашири своите раце на крстот за да ја победиме оваа битка во која нашиот непријател е надмоќен. Поради тоа те повикувам не вели: „тоа е тешко и невозможно“, туку плачи говорејќи: тоа е прекрасно, го сакам тоа, Амин, нека биде“. Тој оваа победа над победите ќе ти ја даде и на тебе бесплатно, без твоја сила и заслуга.

А.Н.

Категорија: Размислување

За авторот