На денешен ден е родена Мајка Тереза

Мајка Тереза е родена е на 26 август 1910 година во Скопје во семејство Бојаџиу како последна од трите деца. Имала само еден ден и била крстена како Агнес Гонџа во црквата Пресвето Срце Исусово во Скопје. Уште како ученичка одлучила да се посвети на Бог и да отиде како мисионерка во Индија. Во Ирска 1928 година влегува во редот на сестрите од Лорето, а во 1929 година патува за Индија, работејќи 20 години како учителка. Во секојдневниот допир со индиската реалност проценила дека манастирскиот ангажман не е доволен, бедата во Индија е бескрајна, а сиромасите препуштени сами на себе посебно на болест и смрт, па во 1948 година бара да излезе од манастирот на улиците. И дозволиле сама како чесна сестра да отиде меѓу најсиромашните во Калкута, облечена во обично сари. Наскоро добила одобрение од надлежниот епископ да започне со новата дружба Мисионерки на љубовта која започнала со делување во 1950 година.
Мајка Тереза и нејзините сестри се посветиле најпрво на напуштените деца и оние кои умираат и на тешко болните, започнувајќи од лепрозните. Правилото на редот е засновано на едноставното мото: „Служи на сиромашните за да му служиш на животот.“ Мајка Тереза ја живеала од ден на ден живата христијанска вера која во конкретните случаи повикува на љубов, мир и прошка, а осудува омраза, освета и зло. Индија ја присвоила како идеална ќерка, а Нобеловата фондација од Осло во 1979 година и доделува Нобелова награда за мир. Таа подгрбавена старица целиот свој живот била жив знак на Божјата љубов меѓу луѓето, особено кон најсиромашните и отфрлените. Со самата своја појава претставувала протест за угнетените и маргинилизираните против светот кој во својот поголем дел е означен со материјалистички сфаќања и тежнеење за нови задоволства и забави.
Во светот на пазарот, во светот во кој сè се мери според економските показатели Мајка Тереза се претставува како сиромашна жена, жена која го избира животот на служење на најсиромашните меѓу сиромашните, на оние кои никој не ги сака. Тој избор бил во потполна спротивност со современата култура. Современата култура се почувствувала ранета и на некој начин предизвикана од Мајка Тереза и срцата на многу луѓе се отвориле преку сведочењето на таа жена. Мајка Тереза го претставувала Евангелието и покажала дека во дваесеттиот век Евангелието делува, Евангелието погодува, Евангелието му дава смисла на животот. Перез де Куењар на заседанието на Обединетите нации ја претставил Мајка Тереза со овие зборови: „Ви ја претставувам најмоќната жена на светот. Таа навистина ги претставува Обединетите народи бидејќи во нејзиното срце е страдањето на многу луѓе.“ Мајка Тереза ги слушала тие зборови во тишина, а потоа ја подигнала раката и ја покажала во неа Бројаницата која секогаш ја носела со себе и кажала: „Јас сум само сиромашна жена која моли. Господ ми става во срцето љубов за да можам да ги љубам сиромашните.“
Потоа како што често правела, го свртела својот поглед кон присутните претставници на народите и кажала со одлучен глас: „Молете и вие и вашето срце ќе се исполни со љубов за да можете да ги љубете сиромашните околу вас.“ Тоа е Мајка Тереза, тоа е сведоштвото кое Мајка Тереза ни го остави… Од нејзината смрт Мисионерките на љубовта бележат голем пораст на звања и куќи во целиот свет. (…)
Мајка Тереза од Калкута со својот живот потврдила дека имала отворени раце за сиромашните и патниците бидејќи претходно ги имала склопено пред Бог, а да служиш на човекот за неа значело да направиш нешто убаво за Бог.
Зборувала: „Радоста е молитвата, радоста е силата, радоста е љубовта, радоста е мрежа на љубовта која може да дојде до душата. Бог го љуби оној кој радосно дарува. Повеќе дава на оној кој со радост дава. Најдобар начин да ја покажеме својата благодарност на Бог и на луѓето е радосно да ги прифаќаме сите работи. Не дозволувајте ништо жално да влезе во вас што би можело да биде причина за да ја заборавите радоста на Христос Воскреснатиот“. Смислата на човечкиот живот е во давањето.
Мајка Тереза со своите постапки го дефинирала поимот љубов. Препознавајќи ги луѓето во неволја, во нејзината душа како што самата кажувала се јавува силна желба не да тагува над нивната судбина, не да ги сожалува… сакала без разлика на опасноста по сопствениот живот да им помага. Во нејзината душа се распалил огнот на љубовта кој го пренела на другите и така станала препознатлива во целиот свет.
На 5 септември 1997 година одекна глас во светот: умре живата светица. Така накратко би можел да се резимира животниот пат долг 87 години на несебично послание и сјајна харизма на мајка Тереза, која речиси целиот живот го поминала помагајќи на другите. И тоа не со помош, туку со страсно сочувство во најмачните делови во светот како што е на пример Калкута, каде што со своите сестри мисионерки на љубовта од улицата подигнала десетици илјади лепрозни, болни и отфрлени луѓе.
Светот никогаш не би смеел да ја заборави жената чие светло на светоста со своите зраци од Калкута се проширило по целиот свет и станало ЗНАК НА НАДЕЖ.

Битно.нет/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Размислување, Свет

За авторот