Марија – пример на модерната жена

Дали некогаш сте се запрашале може ли Марија да биде пример на модерната жена? Не сум жена, ама некако чувствувам како многу денешни девојки и жени – при тоа мислам на католикињите, на вакво нешто веројатно само би промрмориле – „Хм, па не знам баш“, односно, „Па јас повеќе се молам на Исус“ или слично… Зошто е тоа така? На тоа најдобро може да се одговори поаѓајќи од тоа на што прво помислуваме кога велиме „модерна жена“, а на што кога велиме „Марија“.

Кога го велиме ова првото, она што на мене веднаш ми паѓа на памет, а верувам и на повеќето е – „еманципација“… Она што пак на повеќето, покрај зборот „мајка“ им паѓа на памет кога се спомнува Марија е – „понизна слугинка“… и тогаш на многумина им се крева косата на главата – особено кај оние на кои им е подолга… (Секако – ова е сега шега..)

Но, да ја погледнеме малку повнимателно денес модерната и еманципираната жена… Дали е тоа жена која го симнува од себе велот, која е обесена по плакати, која ’се дава’, губејќи ја својата природа, која се пружи давајќи го своето тело, надевајќи се дека ќе биде сакана, или дека ќе биде добро ситуирана? Дали е тоа жена која сè става на кариерата, па на крајот кога ќе остари нема ни куче ни маче? Дали е тоа жена која се пијанчи по кафеани и скита по улици или која така грациозно на сончево светло оди на облакодер потпетици со фасада на лицето? ’

Платениците пеат – „Каде исчезна човекот?“, а јас би извикал дека е многу подраматично и „посудбоносно“ прашањето – „Каде исчезна жената?“…

Ќе кажете – па жената треба да се бори за еднаквост со мажот. Јас би одговорил, да – треба – НО – за еднаквост во различноста, а тоа е веќе многу повеќе и многу поразлично (!!!) од едноставната еднаквост…

Бидејќи – на крајот стои прашањето – што навистина ѝ донесе на жената ваквата еднаквост која денес се промовира?… или – уште поедноставно кажано – дали е модерната жена радосна и среќна жена – дали е таа исполнета жена? Односно, дали е модерната жена – жена? И тоа во онаа права и вистинска смисла…

Имено, некогашниот архиепископ на Њујорк, Фултон Ј. Шин на едно место ќе каже дека „модерната жена стана еднаква со мажите, но со тоа не стана среќна. Таа се ’еманципира’, се ослободи како цвеќе откинато од својот корен“, од својата смисла… „Барајќи математичка еднаквост со мажот“, продолжува истиот, „таа изгуби двоструко од своето достоинство: прво, што стана жртва на мажот, а второ жртва на машината. Таа стана жртва на мажот како орудие за негово уживање, почнувајќи, со проста промена на стерилните егоистични чувства, да служи на неговите потреби. А жртва на машината стана ставајќи го својот „креативен животен принцип“ т.е. онаа своја родителска препородителска животна смисла на „производство на безживотни работи“ и, би рекол во денешно време, нудење на безживотни услуги…

Ова не е никакво ставање на тапет на жената која самостојно го извршува својот повик, бидејќи главно прашање не е дали жената ќе најде сожалување во очите на мажот, бидејќи достоинството на жената воопшто не зависи од тоа како другите ја гледаат и какви права ѝ даваат. Во сето тоа имено темелно е следново прашањето, како убаво го дефинира веќе спомнатиот епископ, – „може ли жената да ги задоволи темелните вродени инстинкти на женската природа, може ли правилно и потполно да ги изрази своите од Господ дадени специфични женски особини: преданост, пожртвуваност и љубов“?

А тие својства не се неопходно врзани ниту за семејство, ниту за манастир, тие се врзани за жената како таква, за она што е и што прави во својот живот, па – ако тоа што таа е и што прави, не е на трага на тоа таа во тие свои својства да се оствари, тогаш имаме проблем, бидејќи – ако немаме остварена жена, дури тогаш немаме ниту остварен маж – а тогаш светот сигурно оди во погрешен правец.

Без обвинување на Ева во однос на Адам, она што ни го порачува сликата од рајската градина е жива вистина, и тоа на начин дека пропаста на човекот дошла во оној момент кога жената повеќе не сакала да биде жена… Имено оној момент кога жената одбива да биде жена, кога одбива да биде навистина она за што е создадена, тогаш и мажот ја губи својата смисла, тој го губи ориентирот… А од ова следи дека во сликата од едемската градина акцентот не смее да биде на тоа колкава е вината на жената, туку колкава е нејзината важност – важност која со себе повлекува одговорност за иднината на човекот и човештвото…

Во енцикликата ‘Mulieris dignitatem’ (За достоинството на жената), папата Иван Павле II нагласи дека достоинството на жената произлегува од тоа што и таа е како и мажот создадена на слика Божја. Што тоа значи? Тоа значи дека тоа достоинство никој не може да ѝ го одземе, меѓутоа со тоа дека опасноста е поголема, ако таа сака да се откаже од своето достоинство како слика Божја, сака да го извитопери во нешто што не е во Божјата замисла… Бидејќи, ако бидеме малку сликовити – Бог не зеде од Адам ребро за да би го обликувал новиот Адам, туку за да би ја обликувал Ева, па со самото тоа не е целта на модерната жена да стане маж туку – нова Ева – и всушност сега доаѓаме до онаа која ја спомнавме на почетокот – до Марија – до вистинската нова Ева…

Марија е имено онаа во која достоинството на жената и целта е остварено во полнота. Таа, односно нејзината „слика“, не е со грев нагрдена, туку  зрачи и се огледува во потполност на Божјата слика и слава. Ако нашиот повик, како католик, како деца Божји, е во потполност да бидеме „нови луѓе“ како тоа го вели Светото Писмо, значи да бидеме на слика Христова, на Божја слика, зарем не е исправно да се каже дека со самото тоа нашиот повик, и на мажот и на жената, но во прв поглед на жената, го има тоа да бидеме и да бидат и – слика на Марија. Секоја жена треба да биде онаа новозаветната нова Ева, секоја жена треба да биде – нова Марија!

Ако сѐ, како што веќе спомнавме, оние од Бога дадени и специфични својства на жената – преданост, пожртвуваност и љубов – кажете ми која е таа жена што со својот живот ги остварила повеќе тие свои својства, од Марија?

Некој ќе рече – „Но Марија секогаш молчи и трпи, таа секогаш стои на страна и како да нема свое ’јас’“. На таквите им одговарам – Марија молчи кога молчењето е посилно од зборовите, а зборува кога е тоа навистина најпотребно односно кога сите други молчат, таа стои не на страна туку на вистинското место кое Бог ѝ го намени, и на крај, нејзиното ’јас’ е секогаш во однос ’јас и Бог’. Дури со тоа нејзиниот живот добива суштинска смисла, бидејќи е со Бог исполнет, со Бог осмислен – и тогаш преку нејзиниот живот се случува чудо, овоплотението на Оној по Кој се обновува светот!

„Нивото на секоја цивилизација се проценува спрема висината на која се наоѓа жената“, вели на едно место веќе спомнатиот архиепископ.

Може да се каже како што веќе истакнав дека состојбата на светот зависи од тоа во каква состојба е жената, и – ако е тоа така – тогаш судбината на човештвото повторно бара жената да застане на вистинското место и на светот наново да му овозможи спасение. А тоа го може само христијанката, католичката жена – онаа која во Марија има свој пример – која ќе му помогне на Господ да го обнови светот преку пожртвуваност и љубов – преку онаа вистинската – понизност, а таа е – „Жено – биди она за што си создадена!“, односно – „Жено, биди жена“!

Тоа е жена која од Исус ќе измоли чудо да ја промени таа застоена вода која го преплавила светот со егоизам и неморал во вистинско вино на Духот кој ја обновува љубовта и себедарувањето; тоа е жена која ќе ги воспитува своите деца во светци; која ќе се грижи за оние кои се на маргините… Тоа се оние жени кои ќе ги пребираат зрната од бројаницата – но и кои ќе им дадат сила на мажите да не бидат кукавици и да бегаат од напорот на Голгота и да застанат покрај нив под крстот како светиот Иван… Бидејќи такви – маријански жени – можат да ги поттикнат мажите да делуваат Христовски, па така конечно да почне онаа вистинска обнова на светот…

Во спротивно – и понатаму ќе бидеме – расчовечени, односно, ќе продолжиме да се прашуваме: „А каде исчезна – жената?!

Битно нет – Фра Иван Марија Томиќ ОП/Превод: С.С.

Категорија: Колумни, Свет

За авторот