Марија – Покровителка на правата и обврските

Марија – Покровителка на правата и обврските

Можеби, на прв поглед, слушајќи го насловот би рекле и би се запрашале: Каков наслов на тема за размислување е ова? Каква врска има Марија сега, денес, овде со права и обврски? Термини кои ни го окупираат и бомбардираат нашето секојдневие. Секојдневно слушаме од мас медиумите, телевизија, интернет, за некакви права и обврски на некого, на нешто, за нешто итн. Слушаме за некои права кои му биле некому одземени, негирани, на пример, правото на живот на децата, на родените, а посебно на оние неродените. Но и слушаме и за некакви права на хомосексуалците, право на еутаназија-убиство на старите лица, права на слободна вероисповест… Слушаме и за обврски на некој кон некого. Држава кон граѓанин, граѓанин кон држава, човек кон човек, мајка кон деца, деца кон родители…. Како што гледаме термините права и обврски ни го исполнуваат секојдневието. Тие се нашиот живот.

И токму тука влегува во игра Марија. Да видиме зошто со право можеме да потврдиме дека Марија, нашата небеска Мајка, има право да ни биде покровителка, заштитничка, патрон, поткрепителка на нашите егзистенцијални права и обврски, на нашите животи како нејзини деца.

Најпрво да тргнеме од самото место и времето во кое таа самата е родена. Какви беа приликите тогаш во Израел? Израелскиот народ бил под ропство. Марија се раѓа и живее во Назарет, дотогаш незначајно гратче во Израел. Нејзините родители ја добиваат во длабока старост. Тие го молат Бога за да им даде потомство, мислејќи дека како и сите, и тие имаат право според Божјиот закон да имаат потомство, да имаат деца, иако веќе стари. Но имаат право, Бог им го исполнува тоа право, би додале, Бог ја исполнува својата обврска да им подари потомство, давајќи им ја Марија за ќерка. Сигурно се среќни што го реализирале нивното право да имаат дете. Еве како Марија уште од раѓање си има работа со права и обврски.

Понатаму преку Евангелието се запознаваме со настанот кој ќе ја смени историјата на човештвото. Светиот апостол Лука ни го опишува навестувањето Исусово преку ангелот Гаврил, кој ја посетува младата девојка Марија и ѝ вели дека треба да го роди Емануел, Спасителот и тоа на чуден начин. Марија која можеби веќе се подготвува за брак, се подготвува за предизвиците што и ги носи самата нејзина возраст, самото време во кое живее, ја очекува еден чуден предизвик. Таа има вереник, свршеник, се вика Јосиф. Можеби се подготвуваат за свадба што би рекле ние. И токму во тој момент Бог преку својот ангел се обраќа до Марија и ѝ ја соопштува големата вест. Вест која за нас, а најмногу за Марија, е неверојатна, нелогична, но и многу очекувана: Таа треба да роди на чудесен начин, на невообичаен начин. Таа едноставна девојка е избрана да зачне преку Светиот Дух. Замислете на нас некој такво нешто да ни каже или да ни даде една таква обврска. Па тоа не е логично, како треба Марија да роди, а маж не познава. И самата тоа му го вели на ангелот. Можеше во тој момент да каже: „Не, јас не можам, ова е премногу за мене, која сум јас за преку мене Бог да го спасува светот?  Ми се причинува, тоа е голема одговорност за мене!“ Но за наша среќа Марија ја прифаќа одговорноста незнаејќи што сето тоа потоа во нејзиниот живот ќе и донесе. Пред себе гледа само неизвесност, но не се откажува. Бог сака, Бог бара од неа, а таа исполнува. Научена од нејзините родители дека Бог треба да се слуша, Тој знае што е најдобро за нас. Марија го прави само тоа што го има научено. А го има научено најважното: Да го сака Бога и да ја извршува волјата Божја, знае, свесна е дека Бог може сѐ. Така со нејзиното „Да“ таа влегува во историјата на нашето спасение. Како што Марија, иако можеби и осудувана од тогашното општество, ја прифаќа обврската која Бог ѝ ја доверува, така и ние како христијани, можеби, исто несфатени од другите, треба да ја прифатиме обврската да бидеме живи сведоци на нашата вера, на нашите обичаи, на нашата христијанска традиција, колку тоа и некому да му смета и да го иритира. Да се биде христијанин денес воопшто не е комотно. Треба храброст каква што имаше Марија да го прифати Божјиот, а не некој човечки план. И на Марија, нејзината положба на Мајка Исусова не и носеше никаква комоција. Постојано во страв, постојани прогонства, неизвесности, откажувања. Но, Марија со нејзиното „Нека ми биде“ храбро ја прифаќа обврската да биде, преку Исус, наша мајка и застапничка. Со нејзиното „Да“ ни дава и на нас право да се предадеме и да се потпреме на ѕидот којшто стана темел на Црквата, а преку неа и на општеството во кое живееме и се бориме за нашето право слободно да се раѓаме, да создаваме живот, да живееме, веруваме и умираме достоинствено како и самата наша Небеска Покровителка. Тој камен, тој ѕид е Христос и христијанството. Велејќи ѝ на Марија, денес, овде: „ДА“ ја прифаќаме обврската да се бориме за христијанските вредности, за позитивните права кои го држат општеството на нозе. Да бидеме храбри како Марија, да слушаме како Марија. Таа е вистинскиот пример на човек достоен да биде следен.

Дека Марија е примерот кој треба да го следиме можеме да заклучиме и од моментот кога таа заедно со апостолот Иван се наоѓа под крстот, во моментот кога Исус умира. Во тој момент, стоејќи под крстот и гледајќи го својот син како умира, сигурно ѝ е најтешко. Мајка е, впрочем и не може да биде поинаку. Некој можеби и ѝ дофрла: „Маријо еве од твојот син не биде ништо!“. Се радуваат сигурно и фарисеите кои велеа: „Па зарем од Назарет може да излезе нешто добро“! Радосни се што наизглед се потврдува нивната теза. Во целиот овој јад Марија да може сигурно би се заменила со синот. Таа посакува да е на крстот, а Исус да е во нејзината положба. Но тоа не е можно. Божјиот план е поинаков. И повторно таа го прифаќа, ја прифаќа и оваа обврска. Но, додека стои од устата на Исус пристига и најголемата задача упатена до својата Мајка. Тој и вели: „Мајко еве ти син! Синко еве ти мајка!“ би додале: „Мајко еве ти синови и ќерки!“ Конечно се случува историското и официјално прогласување на Марија за наша Мајка. Од овој момент ниеден од нас не е повеќе сам. Денес, овде, не сме сами, Марија е со нас. Така ќе биде засекогаш! Љубовта на вистинската мајка трае засекогаш. И овде нема калкулации. Калкулациите ги прават децата, ги правиме ние: „Што ќе добијам ако љубам, ќе ми се исплати ли! Нашата љубов, за жал, секогаш го има во себе егоистичниот елемент, го носи во себе она „Јас и само јас“. Марија ни дава друг пример на љубов.

Драги браќа и сестри можеби е поедноставно од она што изгледа. Таа обврска да се сакаме еден со друг како што Бог нѐ сака можеби не е толку тешко да се реализира ако пред себе го имаме животот на Марија. Видовме како од раѓање постојано на Бог му одговара со „ДА“. Таа со својот животен пример стекна право да биде наша Мајка, но не е помала и нашата добивка, не помалку важно е и нашето право да сме деца Божји. Тоа право дадено од Бога нѐ јакне и охрабрува во борбата со предизвиците на денешницата. Еве да бидеме храбри како Марија. Почнувајќи од денес, себичната математика да ја оставиме надвор од нашите домови, надвор од нашите семејства, надвор од нашето општество.

к.мк/о. м-р Ванчо Назов

Категорија: Вера, Духовност

За авторот