Кој е мојот животен повик?

Што сакаш од својот живот?

„Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.“

Господи додека те гледам во светата Причест, ги слушам овие зборови кои ми ги упатуваш и мене како на пророкот Јеремија. Овие зборови го погодуваат моето срце, ја допираат суштината на моето битие, ми говорат кој сум. Колку само ситуации во животот има во кои се прашувам што сакаш од мене? Често се прашувам дали има смисла сè она што ми се случува? Се образувам, а не гледам цел, работам, а во тоа не гледам потполна смисла. Кои се твоите планови со мене? Многу прашања секој ден на кои не пронаоѓам одговор, а ти во едноставноста ми пристапуваш и ги изговараш овие зборови.

Убаво е да се слушне дека си ми подготвил нешто посебно, убаво е да се слушне дека за некого сум неизмерно вреден, посебен.

Додека ми пристапуваш ме прашуваш, го прашуваш секој млад човек: „Што сакаш од својот живот? Дали си свесен дека те избрав и дека те повикувам на нешто големо, нешто единствено? Ме прашуваш: „Се остваруваш ли во потполноста? Дали си родосен во сè што правиш? Уживаш ли во секој ден од својот живот или задоволствата се само моментални? Како ја остваруваш убавината на својот животен повик?

Боже сакам целосно да ти се предадам, да ти ги доверам сите свои планови, сите надежи, но имам страв. Те молам за милост на целосно предавање во твоите раце за најпосле да уживам во сè што правам.

Господи не сакам повеќе да бегам

Јас, пак, одговорив: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.

Ти Господи ме повикуваш на нешто големо, посебно, единствено, неповторливо и тоа е убаво, тоа ме весели, но истовремено ме загрижува и ме плаши. Кога ќе ја погледнам убавината на твојот повик во мене се раѓаат различни мисли. Пред твојот повик се чувствувам толку мал. Кога ќе се погледнам не знам како би одговорил на она што го бараш од мене.

Погледни ја мојата внатрешност! Како можеш да очекуваш од мене нешто посебно! Толку слабости, толку недостатоци, толку гревови. Многу работи кои ги кријам пред светот, работи од кои се срамам, кои ме понижуваат, работи кои ја кријат целата моја беда и не смеат да излезат надвор. Како може таков да ти служи?

Потполно го разбирам Јеремија кога вели „млад сум не умеам да говорам“. И јас сум во истата ситуација пред убавината на која ме повикуваш. Затоа најчесто се одлучувам за бегство, за потрага во некоја насока, а таму повторно пронаоѓам разочарување. Господи не сакам повеќе да бегам затоа што во бегството нема одмор, нема убавина. Дај ми Господи сила и покрај своите слабости секогаш подготвено да одговарам на секој збор кој ми го упатуваш.

Ти благодарам Господи што ме храбриш

„Не вели: – млад сум; – зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и сè, што ќе ти заповедам, ќе кажеш. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе за да те избавам.“

Овие твои зборови звучат како укор, но ти не укоруваш, туку охрабруваш. Ти не ме понижуваш и не сакаш ниту сам да правам. Ти не ме осудуваш, туку на мене сметаш. Не бараш од мене сè сам да правам, туку да ти се предадам за заедно да работиме. Ти благодарам Господи што ме храбриш, што ме подигнуваш кога ќе паднам, што ми упатуваш зборови на утеха, што ме придружуавш на секој чекор.

Господи во твоите раце го ставам својот живот, секој момент кој си ми го доверил; го ставам моето образование, работа, сè она со што се занимавам, а посебно оние работи кои не ми се едноставни и во кои не гледам секогаш смисла; ги ставам во твоите раце своето семејство и сите наши односи, сите пријатели и сите сакани луѓе; го ставам во твоите раце својот животен повик – на тие кои се повикани на брачен живот дај ни сила достоинствено да се подготвиме на заедништво со брачниот другар, а на тие кои се повикани на живот во свештенство или монаштво дај подготвено да одговориме на тој повик и да бидеме радосни навестители на твојата радосна вест; во твоите раце ги ставаме сите свои радости и таги, сите подеми и падови, сите сигурности и лутања и молиме за милоста на верата во твоите зборови: „Не плаши се затоа што јас сум со тебе.“

Пасторал на млади/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот