Ковчегот на Заветот и Успение на Пресвета Богородица

Ковчегот на Заветот и Успение на Пресвета Богородица

Дева Марија, Новиот ковчег на заветот, достојно е пренесена во живеалиштето на Севишниот.

Да бидам искрен, Харисон Форд ме запозна со Ковчегот на заветот. Во филмот, каде што ја играше улогата на археологot херој Индијана Џонс, Форд трагаше по одамна изгубениот артефакт на Израел, и ова го привлече вниманието на овој почитуван објект на Американската генерација З и милениумците кои се восхитуваа на филмовите за Индијана Џонс.

Што е Ковчегот?

Во „Индијана Џонс: Во потрага по изгубениот ковчег“, древниот ковчег се смета за оружје за ненадминливо уништување. Египетскиot копач кој го придружува Индијана Џонс го опишува Ковчегот, велејќи: „Ковчегот. Ако е таму во Танис, тоа е нешто кое човек не треба да го вознемирува. Смртта секогаш го опкружува. Тој не е од овој свет“. Отворањето на Ковчегот во филмот ги убива сите што го гледаат.

Ковчегот на заветот бил златен, направен од Мојсеј за да ги носи камените плочи на кои беа напишани Десетте заповеди. Ковчегот бил украсен со херувими, носен на лостови што минуваа низ алки од двете страни (2 Мојсеева 25). Во Новиот Завет, во Посланието до Евреите стои: „Во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато Ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезал на Арона, како и плочите на заветот“ (Евреите 9, 4).

Можно е приказот на Ковчегот во филмовите да се вкоренети во приказната од Втората книга Царства, која раскажува за пренесувањето на Ковчегот во Ерусалим. Давид, царот на Израел, ја предводел оваа голема поворка. Во Втората книга Царства се вели: „И кога дојдоа до Нахаровото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег“(2 Царства 6, 6-7). Бог им заповедал на Левитите да не го допираат Ковчегот од страв од смртна казна.

Ковчегот на заветот е титула на Марија

Мојата омилена литанија во чест на Пресвета Богородица, лоретанската Литанија, е прекрасна и древна збирка на титулите на Марија. Ја засакав оваа литанија затоа што, во новицијатот, ја пеевме секоја сабота навечер. Во ходникот осветлен со свеќи додека клечевме пред статуата на Пресвета Богородица, прелетуваа титулите на Богородица над нашите приклонети глави.

Кога првпат ја слушнав оваа литанија, некои од имињата ми беа познати и имаа конкретно значење. Лесно препознатливите повици „Мајка Христова“, „Мајка на милосрдието“ и „Мајка на Црквата“ беа поврзани со другите, кои бараа одредено истражување и размислување. Меѓу последната категорија, го открив името „Foederis arca“ (Ковчег на заветот).

Новиот ковчег на заветот

Зошто Дева Марија се нарекува Ковчег на заветот? Кога Ковчегот на Заветот беше донесен во храмот, облакот на Божјото присуство се насели таму. Дева Марија со своето тело стана пребивалиште Божјо. Осенета од Светиот Дух, таа го носеше Словото, кое ќе биде новата Мана, Првосвештеникот и новиот Законодавец.

Свети Атанасиј Александриски, еден од Отците на Црквата, пишува:

О благородна Девице, ти си навистина поголема од која било друга величина. Зашто, кој е еднаков со тебе по величина, пребивалиште на Бог Словото? Со кое од сите суштества да те споредувам, Богородице? Ти си поголема од сите нив. О [Ковчег на Новиот] Завет, облечен во чистота наместо злато! Ти си Ковчегот, во кој е пронајден златен сад, кој ја содржи вистинската Мана, односно телото во кое престојува божеството.

Дева Марија, спасена од дамката на гревот во поглед на зачнувањето на Христос, е како Ковчегот. Библијата јасно ја опишува изградбата на Ковчегот, откривајќи ја нејзината важност за Израел (2 Мојсеева 25, 9; 39, 42-43). Требаше да се следат Господовите упатства за изградба и грижа за Ковчегот. Мора да биде без дамка и достоен. Според учењето на Црквата истото е и со Дева Марија. Таа е без дамки и флеки, по Божја благодат станува достојна мајка.

Ковчегот и Успението на Марија

Храмот, светото место каде Израелците се поклонуваат на Бог и Божјото живеалиште повеќе не постои. Кога Храмот бил уништен, Ковчегот на заветот бил изгубен. Но, постои ново Божјо живеалиште. По неговото воскресение, Исус се вознесува на небото. Господ седи на небото „десно од Отецот“.

Дева Марија, новиот Ковчег на заветот, не можеше да се одвои од живеалиштето на Севишниот. Исто како што Израел се обидуваше да го носи Ковчегот во светиот град, каде што може да се стави во Храмот, така и новиот Ковчег мора да се однесе во Божјото присуство.

Таа, која ја донесе Божјата присутност на овој свет е земена еднаш засекогаш во Неговото присуство.

Алатеја/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот