Кастро по средбата со Папата: Ќе се вратам во Католичката црква и повторно ќе започнам да молам

„Ги читам сите негови говори. Ако така продолжи Папата, јас кој сум комунист, ќе се вратам во Католичката црква и повторно ќе започнам да молам“ – изјави на новинарите Раул Кастро по средбата со Папата

Во недела 10 мај папата Фрањо во приватна аудиенција го прими претседателот на Куба, Раул Кастро. Како што  објасни патер Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, Папата и Кастро разговараа нешто пократко од еден час во салата Павле VI во Ватикан, а средбата помина во пријателска атмосфера.

Претседателот на Куба на заминување од Ватикан на новинарите им изјави дека е благодарен на Светиот Отец на неговата активна улога во подобрувањето на односите помеѓу САД и Куба и ги пренесе на Папата чувствата на Кубанците кои се во исчекување на неговата посета во септември на таа островска држава.

Според соопштението, Кастро на Папата му поклонил спомен медалјон од катедралата во Хавана и слика од кубанскиот уметник Кхоа, која прикажува доселеници во молитва пред крст составен со остатоци од уништени пловила. Според зборовите на уметникот, кој исто така беше присутен на средбата, тој бил инспириран од преданоста на Папата да го освести светот за тешкотиите на мигрантите и бегалците, а посебно за време на неговата посета на Лампедуса.

Светиот Отец пак на Кастро му поклонил примерок од своето апостолско писмо „Радоста на Евангелието“ и медалјон на кој е прикажан свети Мартин како облекува сиромашен човек со својата наметка. Папата забележа дека тој мотив го потсетува на должноста да им помагаме и да ги штитиме сиромашните и да го заштитуваме нивното достоинство

„Ме воодушеви мудроста и скромноста на Папата“ – рече кубанскиот претседател на новинарите после средбата. „Ги читам сите негови говори. Ако така продолжи Папата, јас кој сум комунист, ќе се вратам во Католичката црква и повторно ќе започнам да молам“ – рече и додаде дека ќе биде присутен на сите миси за време на посетата на Куба кои ќе ги служи Папата.

Зборувајќи за односот на кубанската комунистичка партија кон религијата, рече дека дозволиле членство на луѓе кои се верници и дека тоа е „важен чекор“. За односите со САД, рече дека „Куба никогаш не требало да биде ставена на листата терористички земји“ и изрази надеж дека земјата ќе биде тргната од „црната листа“, на која се наоѓа уште од времето на американскиот претседател Роналд Реган.

РВ/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот