Кардинал Филони во Ирак

Велигденски традиционални лепчиња им беа дарувани од страна на  Римската епархија на раселените бегалци од Ирак, протерани од „Исламска држава“. Неколку населби, кои ја добија помошта, се распоредени во северниот дел на Ирак. Тие беа посетени од кардиналот Фердинанд Филони, како дел од неговата мисија во Ирак за време на Великата Седмица.

Префектот на Конгрегацијата за евангелизација на народите, кој минатиот август како специјален претставник на Папата ги посети народите кои страдаат од насилството на џихадистите и долгогодишните војни, се врати на ирачките територии со цел да ги посети бегалските кампови, претежно на малцинствата на христијани и јазиди, побегнати од провинцијата на градот Ниневија и од Мосул.

На Велики Четврток, кардиналот Филони ја предводеше литургијата за „Вечера Господова“, кога за време на обредот на миење на нозе, им ги изми нозете на неколку бегалци. Кардиналот ги посети сите епархии на територијата на Курдистан каде има бегалски кампови. Првично во Багдад, а потоа во Ербил, Фердинанд Филони одржа средби со епископите и богопосветените лица од локалната Католичка црква, како и со Мисионерките на милосрдието (сестрите на Мајка Тереза) кои раководат со еден центар во главниот град. Кардиналот Филони се сретна со претставници на локалната власт, како и со претставници на автономната влада на Ирачки Курдистан, кои уверија дека христијаните и другите малцинства заземаат прво место во нивното внимание.

Од Ербил, градот во кој беа засолнати најголем број бегалци, кардиналот Филони се упати кон античките асирски градови Шаклава, Акрах и Алгош. Го посети и гробот на библискиот пророк Наум, а се сретна и со Високиот духовен поглавар на јазидите „Баба Шеик“. Поголемиот дел од времето, сепак, Префектот посвети на бегалците од населбите во регионот. Тоа му овозможи да констатира дека ситуацијата, споредена со онаа во месец август, е многу подобрена, многу семејства се сместени, иако продолжуваат да живеат во тешки услови. Затоа, како гест на охрабрување и поддршка, кардиналот донесе за нив 6.000 велигденски лепчиња дарувани од Римската епархија.

Ноќта на Велигден, кардиналот Филони ја помина во Ербил, главен град на Ирачки Курдистан, во бегалските кампови, по посетата на Духос. Недела наутро отслужи Литургија со семејствата. Вечерта посети неколку населби, каде се сместени семејства на бегалци. „Верувам дека овој Велигден поминат со нив е многу убав, уникатен и полн со богато искуство – рече кардиналот Филони. Морам да признаам дека од овие луѓе добивам неверојатно сведоштво за верата и за милоста. Еден Велигден, посебен, различен и многу убав“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот