Кардинал Пуљиќ во Битола

Кардинал Пуљиќ во Битола

 

На 19 ноември 2017 година надбискупот и митрополит врхбосански, кардинал Винко Пуљиќ по повод повеќедневната пасторална посета на Црквата во Македонија, ја предводеше светата Литургија во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, каде делува дон Паво Шекерија, свештеник на врхбосанската надбискупија и директор на Македонски Каритас.

На почетокот од Литургијата парохот дон Шекерија ги поздрави присутните со зборовите: Радосен сум што денес во ваше и во свое име можам да ги поздравам нашите драги гости и пријатели, надбискупот врхбосански и митрополит кардинал Винко Пуљиќ, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов, генералниот викар на врхбосанската надбискупија монс. Лука Туњиќ и скопскиот парох дон Давор Топиќ. Ги поздравувам нашите сестри Усмиленки, кои се душа на парохијата и градот Битола, градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, битолскиот муфтија Амид Расимовски, почесната конзулка на Франција Калиопи Стилиновиќ, почесната конзулка на БиХ Билјана Дамјановска Јанчевска, претставниците на медиумите, Радио Марија Македонија и ТВ Тера и сите вас браќа и сестри, добро ни дојдовте.

Потоа Скопскиот бискуп монс. Стојанов упати поздравни зборови: Драги браќа свештеници, чесни сестри, почитувани гости, браќа и сестри во Христос! Не ми е познато дека во оваа наша Католичка црква „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, на територијата каде христијанството е всадено уште од апостолските времиња – да некогаш од било кој Кардинал на Светата Римска црква била славена св. Миса или воопшто посетена. Да, за нас оваа е исклучително важно. Можеби католичката заедница во Битола е мала, но е многу жива и динамична. Со останатите христијани и другите верници, претставуваат живо сведоштво за човечкиот позив да ги живее вредностите со кои се гради поправедно, повистинито и поубаво општество. Верата, која ја живееме е светлина во темнината на современите ветрови кои ги вознемируваат историските хоризонти на модерното човештво и се обидуваат да го изградат животот како да нема Бог. Но, сѐ повеќе чувствуваме во сопствените околности, ако Бог го нема во нашите животи, тогаш се губи и гази и достоинството на човекот. Повикани сме сега повеќе одошто било кога во историјата, да ја освестиме во човекот одговорноста кон дарот на животот и талентите – даровите, што ги примивме од Создателот да го градиме, а не да го рушиме создадениот свет и животите околу себе. Одговорноста која и Црквата денес посебно ја препознава особено е грижата за сиромашните, малите и прогонетите.

Со посебно внимание го поздравувам и новиот парох, дон Паво Шекерија, свештеникот што нам Вие Ваша Еминенција ни го дарувавте да живее и дејствува меѓу нас, а кој презеде и посебна одговорна служба во Католичката црква во Македонија, а тоа е: да го води Националниот Македонски Каритас, институција со особена грижа за сиромашните. Поздрав и добредојде изразувам и на Вашиот придружник, монс. Лука Туњиќ, генерален викар и одговорен за Папските мисиски дела за Босна и Херцеговина. Поздрав упатувам и до Вашиот вреден свештеник и некогаш Ваш секретар денес катедрален парох во Скопје и декан на Скопскиот деканат, дон Давор Топиќ.

Ваша Еминенција, господине Кардинале, сега сте во древниот град кој беше и Престолнина и значаен центар на културни средби. Во парохијата сте, во која го препуштивте на служба свештеникот на Вашата надбискупија. Ви благодарам за таа чувствителна грижа за Црквата во дијаспора и Вашата Татковска и надпастирска грижа. Молам, Вашите зборови да бидат охрабрување и патоказ и за оваа мала заедница. Како таленти – кои ги примивме од Бога – да ги употребиме за да би можеле во конечната средба со Бога да покажеме во што ни помина животот. Не сме повикани на жалење, туку сме луѓе на надеж. Сакаме да го оправдаме своето служење на Бога и луѓето и заради тоа сметаме на Вашиот силен збор и молитва. Кога ќе имате можност да го сретнете Светиот Отец Папа, поздравете го и пренесете му ја нашата верност и преданост. Сакаме да бидеме послушни на Неговата учителска служба за која Вие денес ни зборувате. Драги наш Митрополите, господине Кардинале, бидете благословени и добро ни дојдовте.

Во својата проповед кардинал Пуљиќ истакна: Папата Фрањо одреди во оваа 33. недела во годината да биде посветена на Светски ден на сиромашните, за да учиме да бидеме солидарни со оние кои трпат поради немање, сиромаштија. Затоа оваа недела да молиме за сиромашните кои трпат поради немање и да имаме слух и срце да го поделиме заедништвото на живот со нив. Со денешните читања Црквата сака да нѐ подготви за оној крај на животот, бидејќи човекот мора да мисли и на тоа, поради тоа Словото Божјо нѐ воспитува за да знаеме да живее со вера. Книгата мудрост сака да го направи човекот да биде мудар, да гледа што е добро, а што зло. Тоа е мудроста, да се знае да се расудува што е добро и зло. Павле нѐ предупредува дека не знаеме кога ќе дојде судниот ден – тоа за нас е непознато, но ќе дојде и крајот на нашиот живот. Затоа Евангелието сака да нѐ подготви за одговорност. Човекот мора да се врати да го почитува дарот Божји, дарот на животот, дарот на семејството, бидејќи така го градиме општеството. Ако го срушиме семејството, ќе се сруши и општеството. Ако сакаме да го оздравиме општеството, тогаш прво мора да го оздравиме семејството за да има атмосфера на радосен живот. Да го сфатиме животот како одговорност пред Бог. Да се живее со Бог значи да се живее со луѓето во мир, солидарност, слога. Затоа ве охрабрувам, колку и да сте малубројни, сепак сведочите дека вашата вера е храбра, вашата надеж е во Бог, и дека не сте ја изгубиле надежта и покрај искушенијата. Во своето време во кое живееме да дадеме сведоштво за животот, дарувањето и сведочењето со надеж – рече кардиналот.

Пред крајот од Мисата парохот Шекерија се заблагодари на кардиналот за доаѓањето во неговата парохија во Битола и охрабрувањето во вера, надеж, љубов и единство. Исто така се заблагодари на бискупот Стојанов кој помогна да се оствари оваа посета во Битола и во знак на благодарност семејства со нивните деца на кардиналот и бискупот им подарија дарови препознатливи за „земјата на сонцето“.

После светата Миса кардиналот и бискупот, верниците и градоначалничката со гостите се задржаа во разговор пред црквата, со агапе организирано од верниците.

Потоа кардиналот и бискупот Стојанов со нивната придружба се упатија низ познатата битолска улица Широк Сокак со муфтијата Расимовски во разгледување на Исак Челеби џамијата. Муфтијата го запозна кардиналот Пуљиќ за историјата и посебноста на исламската заедница на овие простори и изрази радост и благодарност за моментите на заедништво.

После средбата со исламската заедница делегацијата се сретна со Преспанско – пелагонискиот православен митрополит, господин Петар. Во пријатно заедништво со епископот Петар, кој се присети на пријателите познати на кардиналот Пуљиќ, средбата продолжи со запознавање на Преспанско – пелагониската епархија, како и со нејзината историја и живот. Заедништвото продолжи во куќата на сестрите Усмиленки.

к.м

Категорија: Вести, Македонија

За авторот