Кардинал Паролин: Нападот на педијатриска болница во Украина е неприфатлив

Кардинал Паролин: Нападот на педијатриска болница во Украина е неприфатлив

Државниот секретар кардинал Пиетро Паролин изрази запрепастеност од руското бомбардирање на педијатриска болница во украинскиот град Мариупол и ја повтори подготвеноста на Светиот Престол да биде посредник доколку тоа биде побарано.

Руски воздушен напад во средата погоди педијатриска болница во украинскиот пристанишен град Мариупол, при што загинаа најмалку три лица, меѓу кои и едно дете. Градскиот совет на Мариупол потврди дека воздушниот напад погодил породилиште, каде се повредени најмалку 17 лица, меѓу кои лекари, деца и бремени жени.

Одговарајќи на новинарски прашања на конференција во Рим, државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, го критикуваше нападот врз болницата.

Тој рече дека бомбардирањето на педијатриската болница е неприфатливо, од која било причина. Кардиналот Паролин, исто така, ја повтори подготвеноста на Светиот престол да посредува во мировните преговори меѓу Украина и Русија доколку тоа биде побарано.

Тој призна дека просторот за преговори е мал, но сепак изрази надеж дека може да се постигне некаков договор.

Кардиналот се осврна и на телефонскиот разговор што во вторникот го имал со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров. Тој рече дека не се понудени никакви гаранции, дури ни за хуманитарните коридори.

Државниот секретар рече дека Светиот Престол веќе ја изрази својата достапност да учествува во дипломатскиот фронт за да се најде решение за да се стави крај на војната. Конкретно, Светиот Престол повика на прекин на конфликтот и на консолидација на преговорите, ставајќи се на располагање за посредување доколку се смета дека може да помогне, но мора да биде повикан да го стори тоа.

Папата Фрањо испрати двајца кардинали во погодената област – Апостолскиот милостинар кардинал Конрад Крајевски и привремениот префект на Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој кардинал Мајкл Черни. Кардиналот Паролин истакна дека нивната мисија е знак на желбата на Папата да придонесе за мир на духовно, материјално и дипломатско ниво.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот