Кардинал Паролин: Киев и Москва се информирани за мировната мисија на Светиот Престол

Кардинал Паролин: Киев и Москва се информирани за мировната мисија на Светиот Престол

На маргините на промоцијата на книгата на Универзитетот ЛУМСА, државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин, изрази „изненадување“ од зборовите на високи руски и украински претставници кои изјавија дека не се запознаени со мировната иницијатива на Ватикан што Папата ја спомена во интервју во авионот на враќање од Будимпешта.

Повторувајќи го неуморниот апел на папата Фрањо да се стави крај на конфликтот во Украина, кардиналот Пиетро Паролин рече дека главен приоритет е да се обидеме „да најдеме точки за договор и да ставиме крај на овој масакр што силно ја погодува Украина, но има значителни импликации и за Русија.

Кардиналот Паролин, кој по презентацијата на книгата за Дон Тонино Бело на Универзитетот ЛУМСА во Рим, беше прашан од медиумите, одговори на новинарот кој потсети на зборовите на Папата при неговото враќање во Ватикан по тридневната апостолска посета на Унгарија во недела навечер.

„Подготвен сум да направам се што е потребно. Исто така, мисијата моментално е во тек, но сè уште не е јавна. Кога ќе биде јавна, ќе зборувам за тоа“, рече Папата.

Официјални претставници на владата на Москва и владата на Киев потоа одговорија дека не се запознаени со оваа иницијатива на Светиот Престол, ниту пак имале конкретна комуникација.

Изненаден од реакцијата

„Папата рече дека ќе има мисија која ќе биде објавена кога ќе биде јавна, а јас тоа го повторувам“, рече кардиналот Паролин, додавајќи дека нема да навлегува во детали.

Тој исто така изрази „изненадување“ од реакцијата на Русија и Украина бидејќи – како што рече – „според моите сознанија, двете страни се запознати.

„Колку што знам, тие знаат“, продолжи државниот секретар на Папата, истакнувајќи дека „среде бирократскиот лавиринт може да се случи комуникациите да не стигнат таму каде што треба“.

Настрана личните толкувања, повтори кардинал Паролин: „Знам дека двете страни се информирани“.

Кардиналот Паролин одговори и на прашањето за присуството на рускиот православен митрополит на редовната Генерална аудиенција во средата во Ватикан и рече дека тоа не е поврзано.

Тој истакна дека тоа што митрополитот Волоколамски Антониј, раководител на Одделот за надворешни црковни работи на Московската патријаршија, го поздравил Папата по аудиенцијата „нема никаква врска“ со таа мисија.

Средбата „спаѓа во нормалната комуникација што постои“ со раководителите на ватиканските дикастерии на Римската курија, објасни кардиналот.

Прекин на огнот

Коментирајќи ги тековните борби и неодамнешниот напад со беспилотно летало врз Кремљ, кој поттикна меѓусебни обвинувања за тероризам од страна на Русија и Украина, кардиналот рече: „Сите акти на војна, особено ако служат за создавање уште посилна непријателска клима, секако не донесуваат скорашен мир.“

„Не знам дали денес има услови за прекин на огнот. Да се надеваме… Верувам дека оваа иницијатива – ако успее – на Светиот Престол треба да оди во таа насока“, објасни тој и изрази желба да се постигне прекин на борбите и да се започне мировниот процес.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот