Кардинал Паролин: Европа мора да го врати „хелсиншкиот дух“

Кардинал Паролин: Европа мора да го врати „хелсиншкиот дух“

Државниот секретар кардинал Пиетро Паролин зборуваше на конференцијата организирана од италијанската амбасада при Светиот Престол во Рим за потребата да се најдат нови дипломатски патишта за ставање крај на војната во Украина, црпејќи вдахновение од историската „Хелсиншка конференција“ во 1970 година за време на Студена војна.

Соочени со „варварството што е во тек во Украина“ и нуклеарната закана што се наѕира над светот, Европа мора да го врати „хелсиншкиот дух“ и да се упати по „нови патишта на мирот“.

Конференцијата

Ватиканскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин, го упати овој апел во вторник 13 декември 2022 година за време на неговото обраќање на конференцијата за актуелната војна во Источна Европа, организирана од италијанската амбасада при Светиот Престол во Рим и во соработка со ватиканските и италијанските медиумите, како и геополитичкиот весник „Лајмс“.

Целта на настанот, насловен „Европа и војната: од хелсинкшиот дух до перспективи за мир“, беше да се разговара за конкретни дипломатски решенија за војната која изгледа дека е во ќорсокак без изгледи за скорешни мировни разговори.

Дискусиите се фокусираа на „Хелсиншката декларација“, важен пакт потпишан во 1975 година од страна на западните сили и Советскиот Сојуз на затворањето на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а со цел да се подобрат односите Исток-Запад.

Никогаш не се навикнувајте на ужасите на војната

Кардиналот Паролин го започна својот говор со предупредување уште еднаш против опасноста од навикнување на војната во Источна Европа.

„Девет месеци, од почетокот на агресијата што ја изврши армијата на Руската Федерација, сме сведоци на „грешките“ и „ужасите“ на овој конфликт.

Резултатот, рече тој, е тоа што сега „не обрнуваме внимание на вестите за деструктивни проектили што ја погодуваат земјата, за бројните цивили кои умираат, за деца кои се под урнатините, за загинати војници, раселените лица и за уништувањето на една земја“.

Според кардиналот Паролин, солзите на папата Фрањо на 8 декември, за време на неговиот традиционална молитва пред статуата на Пресвета Богородица на празникот Безгрешното зачнување, се силен противотров против овој ризик од „навика и рамнодушност“ што се појавува.

Оттука, рече кардиналот, треба да се обнови апелот на Папата и да се искористат сите дипломатски напори за да се постигне „прекин на огнот и праведен мир“.

Ризикот од нуклеарна војна

И покрај некои „знаци“ на надеж за мир што се појавија во изминатите недели, државниот секретар на Ватикан жали што ескалацијата сè уште продолжува, а со тоа и заканата од нуклеарна војна.

„Застрашувачки е што се зборува за можноста за употреба на нуклеарни средства и атомска војна. Забрзаната трка во вооружувањето е загрижувачка, со огромни инвестиции на пари што се користат за војна, наместо за борба против гладот, создавање работни места, обезбедување соодветна медицинска нега за луѓето кои никогаш не ја имале“.

Оживување на „хелскиншкиот дух“

Во светлината на ова, кардиналот Паролин ја истакна потребата „да се запрашаме дали правиме сѐ што е можно за да ставиме крај на оваа трагедија“.

Во тој правец кардиналот Паролин истакна дека иако искуството од Хелсиншкиот процес и разговорите за контрола на вооружувањето за време на Студената војна не може да се повтори во сегашните околности, сепак постојат услови за заживување на тој дух, за „креативно ангажирање“.

„Треба да се справиме со оваа војна и многуте заборавени војни, со нови алатки“, рече кардиналот.

„Не можеме да ја замислиме сегашноста и иднината врз основа на старите размислувања: треба да размислуваме да изградиме нов проект на мир и меѓународна солидарност, потсетувајќи се дека многу земји бараат да бидат слушнати и претставени. Ни требаат нови правила за меѓународните договори, храброст да се вложува во мирот, и не за неизбежноста на војната. Ни треба вербална воена „деескалација“.

Нова европска мировна конференција

Затоа, Европа треба да работи на нова европска мировна конференција. Со тоа, рече кардиналот, таа „може повторно да биде светилник на цивилизацијата заснована на мир, право и меѓународна правда“.

Од своја страна, додаде кардинал Паролин, Светиот Престол „е подготвен да стори сé што е можно за да го поттикне овој процес“.

Кардиналот Паролин го заврши своето обраќање цитирајќи ги зборовите на папата Свети Павле VI во неговата историска молба до Обединетите нации во 1965 година:

„Никогаш повеќе војна! Мирот мора да ја води судбината на народите и на целото човештво!“

Други говорници на Конференцијата

Меѓу другите говорници на настанот беа претседателот на Италија Серџо Матарела, Андреа Торниели, директор на Ватиканските медиуми и Андреа Рикарди, основач на заедницата Свети Егидиј.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот