Кардинал Комастри: Иван Павле II својот крст го претвори во љубов

Кардинал Комастри: Иван Павле II својот крст го претвори во љубов

Поминаа 15 години од смртта на свети Иван Павле II, на 2 април 2005 година. Незаборавни се деновите кои го обележаа неговиот премин во домот на Отецот, по долгата болест која ја живееше, давајќи христијанско сведоштво кое освен верниците ги привлече и оние одалечените од Црквата.

Папскиот викар за Град Ватикан кардиналот Анџело Комастри се осврна во разговор за ватиканските медиуми на примерот кој Папата од Полска може да ни го даде денес, во моментот на општото големо трпење заради пандемијата од коронавирусот. Ширењето на епидемијата, сè повеќе заразени и секојдневните вести за починати, наидоа на неподготвено општество и ја истакнаа духовната празнина на голем број луѓе – рече кардиналот и ги цитираше зборовите на италијанскиот новинар Индра Монтанели: „Ако мора да ги затворам очите не знаејќи од каде доаѓам и каде одам и зошто сум дошол на оваа земја, дали вредело да ги отворам очите? Тоа е мојата објава на неуспехот!“ Тие зборови ја покажуваат состојбата на еден дел од денешното општество – рече кардинал Комастри. И заради тоа епидемијата влева страв, затоа што кај многу луѓе верата згаснала. Иван Павле II беше уверен, доследен верник, а верата го осветлуваше патот на неговиот живот.

На новинарска забелешка дека и покрај многу страдања и долга болест, Карол Војтила секогаш оставал впечаток на мирен човек полн со радост, кардиналот истакна дека Иван Павле II знаел дека животот е брзо одење кон големото славење, славење на прегратката со Бог. Го живеел страдањето во тој дух; ниту во најтешките моменти како на пример атентатот не ја загуби смиреноста, (…) бидејќи секогаш ја имал пред себе целта на животот. Денес многу веќе не веруваат во целта на животот. Заради тоа болката ја живеат во очај, затоа што не гледаат понатаму од болката.

Болката без сомнеж ги плаши сите луѓе, но кога е осветлена од верата го отстранува егоизмот, баналноста и безначајноста – додаде кардиналот. Ние христијаните болката ја живееме во заедништво со распнатиот Исус. Фаќајќи се за Него болката ја исполнуваме со Љубов и ја преобразуваме во сила која го забавува и совладува егоизмот, сè уште присутен во светот. Иван Павле II бил вистински учител на болката која е откупена од Љубовта и била претворена во лек за егоизам. Тоа е можно единствено ако го отвориме срцето за Исус; само со Него болката може да се сфати и да се вреднува – истакна кардинал Комастри и разговорот го заврши со советот кој му го дал светиот Папата: „И вие ќе имате свој крст; претворете Го во љубов. Таа е мудроста која го осветлува животот.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот