Кардинал Винко Пулиќ го посети Македонски Каритас

Кардинал Винко Пулиќ го посети Македонски Каритас

На 18 ноември 2017 Неговата Еминенција Винко Кардинал Пулиќ, надбискуп врхбосански и митрополит, заедно со Н.В.П. др. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, во придружба на монс. Лука Туњиќ генерален викар, го посети Македонски Каритас и оствари средба со директорот дон Паво Шекерија, како и со вработените.

На почетокот, координаторот на Македонски Каритас Спасе Спасов, во име на вработените го поздрави кардиналот Пулиќ и сите присутни, истакнувајќи ја радоста што и покрај густиот распоред кардиналот сепак најде време да ја посети оваа институција на Католичката црква во Македонија, притоа запознавајќи го кардиналот со моменталните активности на Македонски Каритас.

Бискупот Стојанов во својство на претседател на Македонски Каритас, до кардиналот Пулиќ упати искрена благодарност за неговата посета на оваа установа, која веќе 26 години делува на територијата на Република Македонија и е еден знак на близина на Црквата со најпотребните.

Директорот на Македонски Каритас дон Паво Шекерија ги поздрави сите присутни, особено кардиналот Пулиќ, истакнувајќи дека кардиналот поминал долг пат како би ни го дарувал своето драгоцено време и како би не охрабрил и зацврстил во верата, љубовта и единството и како другите би не препознаеле дека сме Христови ученици.

Кардиналот Винко Пулиќ поздравувајќи ги присутните рече: „Ме радува што генералниот викар и јас сме во можност да ве сретнеме да ве слушнеме и да пробаме да се соживееме со она што вие го живеете и работите“. Кардиналот исто така додаде: „Се радувам и се восхитувам колку и да е тоа мала заедница, меѓутоа изгледа дека љубов не недостига, ја има и таа делува. И всушност суштината на Каритас е пасторалното делување, Каритас е составен дел на пасторалот, на евангелизацијата“. Во понатамошниот дел кардиналот ги охрабри присутните никогаш да не се уморат да прават добро. Исто така тој напомена дека делувањето на Каритас е многу важно. Меѓу останатото кардиналот напомена: „колку и да е мала оваа заедница, не мора да биде мала во љубовта“.

На крајот од средбата директорот на Македонски Каритас дон Паво Шекерија му подари на кардиналот слика на Мајка Тереза.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот