Капитенот на американската фудбалска репрезентација Демпси: Воспитуван сум во католичко семејство

Капитенот на американската фудбалска репрезентација и бивш напаѓач на Тотенхем проговори за Спорт Спектрум за својот однос со Бог и за важноста што ја има верата во неговиот живот.

Клинт Демпси, стрелец на еден од најбрзите голови во историјата на светските фудбалски првенства и ѕвезда на американската репрезентација, се придружи на бројните фудбалери што јавно проговорија за важноста на верата во нивниот живот. Пораснав во католичко семејство и секоја недела заедно со мојата баба одев на црква. Благодарение на неа сфатив колку е важна верата, изјави Демпси.

Меѓутоа, во детството на Клинт верата многу бргу дојде до искушение. Неговата сестра Џенифер умира од мозочна анеуризма и тој настан го промени многу. „Се соочив со прашањето зошто се случуваат такви настани и која е Божјата улога во сето тоа. Со години се борев со тие прашања и се оддалечив од Бога. Но Тој бил верен и стрплив и ми помогна да си дојдам при себе, ми даде сила“, посведочи Демпси и додаде дека библиските курсеви во текот на студиите на Универзитетот во Гринвил му помогнале да сфати што навистина значи „да се биде верник“.

„Божјото Слово ми даде мир и желба за да имам однос со Него. Му поставував прашања и барав одговори во Светото Писмо, а тоа ми помогна да растам и ме усмери во животот.“

Верата во Христос ми даде верба во иднината. Знам дека Тој е верен и дека бдее над мене, било да се работи за добри или лоши времиња“, кажа овој 31 годишен американски фудбалер и поранешен член на Тотенхем. Семејната трагедија, како и сите други тешки животни моменти го продлабочиле неговиот поглед на животот, но и неговата вера и желба да го прославува Бога во сè што прави. „Се молам за сила на патот што е пред мене. Се трудам додека играм да дадам сѐ од себе и благодарен сум на сите можности и успеси што ми ги подари Тој. Секогаш настојувам да го правам тоа што е исправно, да не правам грешки и да го живеам животот кој ќе Му се допадне“, нагласи Демпси.

 Битно нет/В.Н.

Категорија: Сведоштва, Свет

За авторот