Како ја прифатив неочекуваната бременост

Како ја прифатив неочекуваната бременост

Неочекуваната бременост носи со себе искушенија, стравови и прашања со кои треба да се соочиме. Но, вистинска радост е да се предадеме на Бога, на Неговиот план за нашето семејство.

Понекогаш бременоста едноставно се случува. И покрај нашите поинакви планови и спротивно на нашите очекувања, ние сме изненадени од фактот дека Бог испратил нов живот во нашето семејство. И покрај тоа што тоа е најголемото изненадување и дар што може да му се случи на еден пар, може да ни се јават различни искушенија по тоа прашање. На пример, може да се плашиме и силно да се спротивставиме на тоа. Ние можеме да се присетиме на нашите претходни сериозни искуства во бременоста и да се прекоруваме сами себе. Но, вистинската радост е во прифаќањето на Божјата волја и посветеното отворање кон Бога, кон Неговиот план за нашето семејство. Една мајка го сподели своето искуство со ненадејната бременост: нејзините борби и одлуки во врска со тоа.

Иако сум во десеттата недела, сè уште се навикнувам на бременоста

Се чувствувам како сѐ уште да се навикнувам на сето ова. Иако сум веќе во десеттата недела, оваа бременост не е нешто што беше планирано. Ми треба малку време да најдам насока на овај ненадеен, нов пат по кој мојот живот се движи.

Различни мисли имам во глава, откако го видов тој позитивен тест на бременост.

Што ќе помислат луѓето?

Ова е ужасен момент! Јас сум на сред проект! Нашето семејство веќе го очекуваат неколку промени во наредните месеци – ова ќе биде премногу! Што ќе помислат луѓето? Ние подучуваме природно планирање на семејството – како дозволивме да ни се случи ова? Имам скоро 40 години –  можам ли навистина низ ова повторно да минувам?

Сè уште не болат претходните болни искуства низ кои минавме во бременостите

Ова е моја осма бременост. Пред нешто повеќе од две години го изгубивме бебето во ран спонтан прекин на бременоста, а потоа повторно зачнав неколку месеци подоцна. Се надевавме дека нашето бебе ќе биде здраво. Но, само неколку часа по раѓањето, нашата скапоцена ќерка престана да дише. Брзо беше префрлена во единица за интензивна нега на неонатална медицина каде што беше откриена тешка срцева мана. И наместо блажен меден месец дома со моето долго очекувано бебе, ги поминав првите десет дена од нејзиниот животот гледајќи ги мониторите во болница. Се борев со бројни цевки и жици секој пат кога ја држев.

Сеќавањата ме прогонуваат додека новиот живот расте во мене

По две катетеризации и една операција на отворено срце, нашата ќерка е како подвижно чудо. Многу сме благодарни. Нашето искуство со неа беше ужасно и убаво во исто време. Никогаш не сум се чувствувала поблиску до Бога отколку во текот на тие долги денови во болницата, додека ги притискав зрната на бројаницата и се молев за нејзиниот живот. Нашите пријатели и семејството не преплавија со нежност и сочувството што ни даде неопишливо чувство на Божја љубов и благодат.

Но, духовите на овие спомени ме прогонуваат додека новиот живот расте во мене.

Користењето на методот на природно планирање на семејството значи дека ние не сме отворени само за живот, туку и за смртта

Преку искуството на спонтан абортус научив дека користењето на методот на природно планирање на семејството значи дека ние не сме отворени само за живот, туку и за смртта. Ние сме отворени за радоста на родителството и задоволството додека ги гледаме нашите деца како растат, играат и учат, но ги направивме и нашите срца ранливи на деструктивната болка од загубата, болка во срцето додека гледаме како страдаат нашите деца и стравот од тоа што иднината носи.

Бременоста повеќе за мене не е само радост околу малата облека, радосното собирање играчки и пелени, или живот во постојана состојба на радосно исчекување. Има од сето тоа по нешто, но под овие среќни момент е претпазливоста- губењето на невиност. Знам дека сешто може да се случи. Дури и додека уживам во прекрасните мисли за новото мајчинство и за новото мало битие што веќе го сакам, знам дека треба да бидам подготвена со радостите да го прифатам и страдањето – неизбежно е во одреден момент, меч да го прободе моето срце.

Страдањето не треба да стави сенка врз очекувањето на бебето

Исто така, преку нашето искуство сфатив дека ова страдање не е нешто што треба да фрли сенка врз исчекувањето на бебето. Наместо тоа, овие искушенија се токму она што ја осветлува вистинската радост на родителството. Искушенијата ни покажуваат како нашите деца не привлекуваат кон молитва и не доближуваат до Бога. Искушенијата се оние кои не обликуваат, кои ни покажуваат кои сме навистина и не водат кон светост.

Иако новата бременост може да доведе до несакани коментари, знам дека Бог ќе биде со нас

Па, иако оваа бременост може да доведе до несакани коментари, или да ги промени нашите семејни планови, или да ме натера да се борам секојдневно со страв и болка (и исцрпување), Бог веќе ми покажа дека ќе испрати пријатели кои ќе ме поддржат и ќе се молат за мене. Мојата секојдневна рутина ја збогати со коментари за поддршка кои доаѓаат од апсолутни странци. Така еднаш, еден продавач во продавница ми рече: “Убаво е што ќе имаш седум деца! Јас имав 13 браќа и сестри!” Или, на постарата дама на која налетав додека пазарев која ми упати охрабрувачки зборови и ме убеди дека преживеала воспитување на седум деца. И пријатниот постар господин покрај кого седев во чекалната на докторот, кој рече: “Опа! Имате шест деца! Ако имав медал, ќе Ви го дадев Вам!” Бог не повикува оспособени, Тој ги оспособува повиканите.

Иако можеби не сме го планирале, знаеме дека новото бебе било во Божјиот план за нас цело време

Како инструктори на методата за природно планирање на семејството, мојот сопруг и јас знаеме дека оваа бременост всушност не беше целосно изненадување. Иако можеби не сме ја планирале, знаеме дека тоа било во Божјиот план за нас, цело време. Ние знаеме дека оваа бременост е опиплив знак за “пуштање” на Бог во нашиот брак. Тој е оној кој на крајот има контрола врз секој аспект од нашиот живот. И тоа е доволно за да нè убеди дека низ грижата, возбудата, радоста и тагата Тој ќе биде таму, држејќи не за рака и водејќи нѐ до местото на предавање, доверба и мир.

Charisse Tierney/к.мк/Кате М.

Категорија: Вера, Семејство

За авторот