Како настанала монашката заедница на сестрите Евхаристинки?

Како настанала монашката заедница на сестрите Евхаристинки?

Во една беседа, одржана пред сестрите Евхаристинки во 1902 година во селото Паљурци, Македонија, отец Јосиф го раскажува следното:

Еден парохиски свештеник, отец Бонети ми рече: „Оче создадете ни месни сестри“…

На почетокот не разбрав што сакаше да ми каже отец Бонети. Но, десет месеци подоцна, на 25 август 1884 година во 14 часот, започнав да го молам Крстниот Пат во старата католичка црква, кога немаше никој. Пред четвртата постојка во кое Исус Христос е натоварен со крстот, кога на патот за Голгота ја среќава својата љубена мајка, слушнав некаков внатрешен глас, како да доаѓаше од Исус и Марија.

Не можам да ви го опишам чувството што го почувствував тогаш. Стоев цел час и кога станав, се почувствував просветен, поткрепен и уверен дека Бог сака да основа нова заедница од сестри кои треба да бидат под покровителство на Пресвета Богородица и да се наречат Евхаристинки, а мојата сестра Еврозија да биде Основачка, нивна началничка…

Но, бидејќи свети Павле вели дека и сотоната понекогаш може да се јави како ангел на светлината, му се помолив на Бога да ми даде видлив знак дека Тој тоа навистина го бара од мене. Во мене почувствував нешто необично, како сугестија дека овој знак ќе мора да му го откријам на својот началник, отец Бонети и да го сторам она што тој ќе ми го каже. Крстниот Пат го продолжив и го завршив, а потоа немав храброст да одам кај мојот началник.

Следниот ден на 26 август, во истото време попладне повторно го измолив Крстниот пат и молев Бог да ме просвети. Почувствував внатрешна поткрепа и штом излегов од црквата се упатив кон кабинетот на отец Бонети.

Тој не се зачуди од тоа што му го открив, туку ми рече: – Нели ти реков, дека треба да создадете месни сестри?

Во тој миг зборовите што ми беа кажани пред 10 месеци ми станаа јасни. Јас веднаш одговорив и прашав: – Добро, но која ќе застане на чело?

– Вашата родена сестра Еврозија.

(текстот е извадок од книгата „Благородното дело на отец Јосиф и на сестра Еврозија Алоати од Д-р Христо Драгов)/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот