Како изгледа животот во Вечноста?

„Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои го сакаат.“ (1 Кор 2,9)

Катехизмот на Католичката Црква ни вели: Тоа е полнотата на животот, заедништвото на животот и љубовта со Пресветата Троица, со Дева Марија и сите блажени; тоа е последната цел и остварување на најдлабоките копнежи и најголемата конечна среќа на човекот (ККЦ 1024).

Како полесно да се разбере може да наведеме некои слики кои Библијата ни ги претставува за Небото и Вечниот живот, како што се Татковата радост, свадба со Христос, храм Божји.

Ние сме деца Божји и кога потполно ќе се открие таа наша реалност, ние повеќе ќе се веселиме и со задоволство ќе останеме со небесниот Отец отколку било кое дете со својот земен татко (сп. 1 Ив 3,2). Слободно можеме да фантазираме, бидејќи рајската реалност многу повеќе ги надминува сите наши замисли: Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои го сакаат (1 Кор 2,9).

Љубовта е битието Божјо, и ние во вечниот живот трајно сѐ повеќе се продлабочуваме во таа љубов, која е бесконечна: затоа што тоа е љубовта на Отецот и Синот во Светиот Дух! И понатаму може да размислуваме за вечниот живот споредувајќи делови од Библијата: ние сме семејство Божјо, кое се соединува во едно потполно заедништво со Божјото семејство (сп. Ив 17, 21-24). Во Вечниот живот, всушност, посебна ќе биде нашата радост бидејќи заедно ќе живееме со нашите најмили и најдраги (родителите, браќата и сестрите, роднините, пријателите и сите познати). Та ние сме тело Христово и членови (делови) од тоа тело, а секој член се радува заради другиот член (сп. 1 Кор 12, 26). Можеме, всушност, да му дозволиме на срцето да фантазира и заедно со Малата Тереза да говоримеи: Јас во рајот ќе бидам посреќна од Богородица. Ќе и се восхитувам на својата Богородица, Марија нема да ја има таа среќа да има своја Богородица, туку ќе ја има Малата Тереза. Библијата ни зборува за славата и бесконечната радост во рајот (сп. Откр 19. 3-9). Секако, бидејќи ќе имаме и воскреснати тела и нова земја и ново небо (сп. Откр 21, 1-4.), нашите сетила ќе уживаат во сите созданија на нов начин, ќе се возвишуваат до Господа и на нов начин ќе го слават и ќе му пеат нова песна (сп. Откр 5,9; 14,3).

Затоа не е случајно оние кои имале среќа да се сретнат, заради посебниот дар Божји, со небесници (Појавувањето на Пресвета Богородица), паѓале во транс, екстази, а притоа да не можат да ја опишат таа среќа (Бернадета од Лурд, пастирите од Фатима).

Битно нет/З.А.

За авторот