Како да се подготвам за Божиќ?

Поради големината и важноста на Божиќниот настан за историјата на човештвото, а со тоа и за нашата лична историја и спасение – за празникот Рождество Христово христијанинот треба да се подготви за да може да го прослави на начин кој во себе ја рефлектира верата на Црквата дека Бог се роди, Бог е со нас – Емануил, дека Бог доаѓа за да ме спаси.

Што се однесува до подготовката таа може да биде надворешна и внатрешна, духовна.

Надворешната подготовка се состои во уредување на домот, правење на Витлеемска пештера, украсување на Божиќна елка и други надворешни симболики со кои се подготвува амбиентот за празникот. Сето тоа е добро и корисно, но подготовката не смее да запре тука.

Христијанинот за празникот Рождество Христово треба да се подготви и духовно. Внатрешната или духовната подготовка за Божиќ е многу посуштествена и поважна од само надоврешната и се состои од: молитва, пост, исповед и како врв на сето тоа е соединување со Богомладенецот Христос Спасителот преку светата Причест која треба да се случи на Божиќната света Литургија. Оние пак кои поради болест или некоја друга сериозна спреченост не можат да се причестат во црквата на Божиќната света Литургија нека стапат во контакт со парохиските свештеници за да им се овозможи и на тие луѓе да се соединат со Христос.

Затоа препораката на Црквата секогаш е еден христијанин да не го помине Божиќ без Исповед и Причест, да не дозовли да слави Божиќ без Исус, без Богомладенецот кој се раѓа заради нас.

За Божиќ нека се искористат светите Тајни на Црквата – Исповед и Причест –  за да можеме да станеме пештера во која ќе се роди Христос.

Во духовната подготовка во скоро сите парохии на Апостолскиот егзархат во Македонија има Деветница за празникот Рождество Христово преку која верниците духовно се подготвуваат за големиот настан во историјата на човештвото.

Информирај се кога има света Исповед во твојата парохија и појди Бог те чека за да те прегрне, да ти прости, бидејќу тој доаѓа за мене и тебе.

го*ко

Категорија: духовнитекстови

За авторот