Интересна средба на папата Фрањо со припадник на швајцарската гарда

Пред неколку дена папата Фрањо станал пред зори и излегол во ходникот каде што пред вратата во став мирно стоел припадник на швајцарската гарда.

Папата го прашал: „А што правиш ти овде? Дали беше буден цела ноќ?“

„Да“, му одговорил гардистот малку изненадено.

„Цело време на нозе?“ прашал Папата.

„Ваша Светост, ова е мојата должност која сум ја преземал од својот претходник.“

„Нели си уморен?“

„Ова е мојата должност, Ваша Светост; да внимавам на Вашата безбедност.“

Папата Фрањо благо го погледнал, влегол во својот стан и се вратил носејќи стол: „Сега барем малку седни и одмори се.“

Гардистот бил вкочанет и одговорил: „Свети Оче, простете ми, но не можам! Правилата тоа не го дозволуваат.“

„Правила, велиш?“

„Заповедите на мојот капетан, Ваша Светост.“

Папата на тоа се насмевнал и рекол? „Навистина ли? Па, јас сум Папа и јас наредувам ти да седнеш.“

И така, наоѓајќи се помеѓу правилата и Папата, гардистот го избрал столот.

Папата повторно си заминал во својот стан и по неколку минути се вратил, наоѓајќи го гардистот како и понатаму послушно седи и му донел сендвич со џем кој што му го подготвил.

Пред војникот да може нешто да каже, Светиот Отец му упатил широка насмевка и му рекол: „После сите часови кои си ги поминал стоејќи на стража, сигурно си гладен.“ Гардистот на тоа не стигнал ништо да каже, бидејќи Папата веднаш додал: „Добар апетит, брате.“

Извор: A Friar’s Life blog, Laudato.hr/medjugorje-info/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот