Интервју: Паљурци е светилиште на Македонецот (1 дел)

Интервју со о.д-р Зоран И. Стојанов, еден од познавачите на приликите во поклоничкото Паљурци. Паљурци место во кое пребивал свети апостол Павле, пред сто години бил најпознатиот македонски ходочеснички центар како духовна и економска развојна база

Католици.мк: Кога би те прашале: Како накусо би можел да ги опишеш чувствата за Паљурци што би рекол, на оние кои сакат да дознаат нешто за некогашниот културно-образовен центар во Македонија?

За мене најубавиот опис за Паљурци го дава сестра Доминика Прочкова, кога вели: „Сигурно и цар Давид бил на слично место кога го отпеал убавиот 103 псалм – „благословувај го душо моја Господа“[1],псалмот кој ги опејува убавините на природата.

Кога кон крајот на осумдесетите години од минатиот век ги читав прв пат овие носталгични редови во книгата на д-р Драгов, ни на крај памет не ми идеше дека после четврт век Католичката црква уште нема да може да си го поврати поседот во Паљурци, што насилно бил одземен од окупаторите и до денес не е вратен.

Па Паљурци, е ретка убавина тоа е неспорно, но кога велам убав мислам на она што во него е содржана убавината на духовното кое тлее во секоја душа во годините кои поминаа. Или можеби, пак би се потпрел на с. Доминика која потекнувала од Паљурскиот крај, а била присилно истерана од поробувачките војски во времето на Првата светска војна, и вели: „Збогум Паљурци! Збогум земен рају! Нема веќе да те будат утринските звуци на манастирската камбана и убавото пеење на псалмите на монахињите… Веќе нема да те радуваат ѕвонливите гласчиња на децата, ниту ќе те вознемируваат страшните стенкања на топовските грмотевици кои се уништувачи на убавото… на светото.

Католици.мк: Можам ли да констатирам дека се чувствува голема болка во твоето кажување за Паљурци.

Па сè е собрано – болка, тага, солзи, носталгија… сè. Но, од друга страна битката за Паљурци станува се повеќе општа. Не само клерот, не само историчарите, сега и потомците од некогашните паљурски семејства сфаќаат – Паљурци не е обична рушевина. Паљурци било гордост на Богданци и другите околни населени места. Паљурци е светилиште на Македонецот. Јас токму за тоа се борам во Паљурци пак да се слушне детскиот глас и гласот на камбаната. Пак да се преработува маслиново масло. Паљурци да му се врати на вистинскиот сопственик кој ќе го воздигне повторно за Македонецот – Католички центар, односно светилиште како што тоа било пред 100 години. Кога тука минувале редици на поклоници, ходочествувачи, богомолителци од сите страни на Македонија, па дури и од други земји. Луѓе верници, луѓе научници, луѓе љубопитни. Паљурци верувам, не, јас сум убеден ќе стане повторно тоа што било: Македонска гордост и вистинска убавина сместена во средишниот дел на географска Македонија, а за луѓето од Богданската општина вистински восхит и повторно место за животна заработка на материјално и духовно поле. Зашто оние што го држат поседот на Католичката црква во status quo, не му го сакат доброто на човекот, туку ја исполнуват волјата на „кнезот на овој свет“ (ѓаволот).

Католици.мк: Изборот да се биде во Паљурци не бил случаен, зошто?

Не, никако не е случаен Слугата Божји Јосиф Алоати, кој бил свештеник од чинот на Отците Лазаристи на Винко Паулски, по националност бил Италијанец, но толку бил влубен во својата мисија што станал Македонец по избор. Го прифатил македонскиот (византиско источен) обред, го научил македонскиот како мајчин јазик ја проучувал историјата на народот во кој тој се втопил. И истражувајќи дошол до сознание дека Паљурци е место во кое пребивал свети Павле, Апостолот на народите. Ако не било тоа предание, којзнае дали некогаш о. Јосиф би дошол во Паљурци.

Католици.мк: Од каде можел тоа да го дознае?

Од каде?! Од народот. Жителите на село Паљурци и околните села во тоа време биле претежно католици, а во некои околни села имало и православци но сите тие тоа добро го знаеле. Луѓето како поробени турски поданици или чифлигари како што тогаш ги нарекувале, љубоморно од генерација на генерација ја чувале и пренесувале таа вистина.

Католици.мк: Дали е тоа докажано?

Денес многу сакаме да се докажуваме, земи дека половина население, во денешно време неможат да си најдат докази од матична книга на крстени и родени за своите дедовци и баби. Па пробај да го разјасниш феноменот дека секој окупатор вршел терор врз Македонецот, уништувајќи сé што било на домородните, па и матичните книги, а се разбира и други историски докази. Тогаш ќе ти стане јасно дали е лесно да се докаже нешто. Но, ете да не ги критикуваме само поробувачите Отоманите, Грците, Бугарите, Србите…, еве за Паљурци Католичката црква има документи на сопственост, има усни и писмени сведоштва, има ако сакате цел регион на население (Богданци, Стојаково, Дојран, Гевгелија…) кое знае и сведочи дека сето тоа припаѓа на Католичката црква. И уште не ѝ се враќа.

Населението во спомнатите населени места знае дека ако Паљурци биде повторно во рацете на вистинските сопственици ќе почне и духовниот и материјалниот развој на целиот тој крај. А вака сега сиот тој имот пропаѓа, зашто оние кои раководат со него се наемници, а наемникот е таков што со првата пречка бега и остава сѐ, зашто не е сопственик, туку наемник. Тоа го вели Исус, не го велам јас.

Католици.мк: Дали тоа значи дека Католичката црква трпи прогон преку Паљурци?

Добро, да се каже прогон е тежок збор. Но треба да сме свесни дека Исус рече: „Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил. Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец“ (Иван 15,20-23). Јас мислам дека ете и предолго време е оставено за да се свестат тие кои го мразат доброто и напредокот на тој крај, не дека не знаат, но можеби гласно никој не им рекол дека имаат грев зашто го крадат имотот на Католичката црква.

Католици.мк: Дали е точен впечатокот дека кога зборувате за сега слугата Божји Јосиф Алоати, зборувате како тој да е Македонец?

Па малкумина имаат храброст да ја кажат вистината дека о. Јосиф е еден од оние што го промовирале мотото „Македонија на Македонците“. Тој бил голем пријател со Иван Хаџи Николов[2] македонскиот револуционер, учител и научник и еден од основополжниците на Македонската Револуционерна Организација. Преку пренесувањето на сестра Маргарита Ујунџиева и с. Непорочна Попова знаеме дека во 1892 година о. Јосиф со неговиот поранешен ученик Гоце Делчев и својот пријател Иван Хаџи Николов се договориле да направат нешто големо за Македонија. Отец Јосиф си зел за должност да го обнови Павловото село (Паљурци), а Хаџи Николов се зазел за основање на единствена Македонска револуционерна организација. Во тоа подоцна силно ќе му помогне и Делчев. За оние што ја познаваат историјата ќе спомнам во прашална форма: Кој му помогнал на првиот претседател (на ЦК на Македонската револуционерна организација) Татарчев да стигне во родниот град на отец Јосиф – Торино, кога за него немало излез и спас да остане во Макеонија? Зошто Христо Батанџиев сакал по секоја цена во неговото родно Гуменџе да дојде за парохиски свештеник отец Јосиф? Значи јас ги повикувам македонските историчари да го тргнат од себе пердето на страв од Македонците католици и да ја проучат улогата на Католичката црква во зародишот на современата Македонска нација. А во таа понова историја спаѓа и Паљурци, а со него и отец Јосиф Алоати, кој на голема Богородица 15 август 1892 година го купува чифликот Паљурци, каде црквата посветена на свети Ѓорги Победоносец била католичка.

Католици.мк: Дали е точно дека отец Јосиф Алоати имал многу добри односи со припадниците на Православната црква?

Непобитен факт е дека Католичката црква во Италија и до денес ги помага припадниците на Македонската Православна Црква, тоа е христијански. Впрочем тоа е христијанството. Затоа во земјите каде католиците се мнозинство, Македонците православци се помогнати да имаат свое место за молитва и служат и се собираат во католичките храмови. Католиштвото е водено од љубовта кон Бога и ближниот, затоа таквиот чин на Црквата не претставува воопшто проблем за верниците католици.

Отец Јосиф секако дека ги помагал, тој настапувал без никакви оптеретување и можел да го реализира чувството за помош кон луѓето во потреба.

Иако може да се постави прашањето: Припадници на која православна црква? Православни цркви кои меѓусебно не се признаваат… тоа е друга тема, која не дека не не засега нас како христијани но јас не сакам сега во тоа да навлегувам. Сигурно ако се прашаме за животот меѓу Македонците, тие тогаш, а и сега живеат вистински екуменизам како припадници на различни Цркви. Зборувам за верниците.

Таква ситуација затекнал и Слугата Божји Јосиф Алоати, тој христијанското меѓуцрковно живеење на Македонците во јужните краеви такво го затекнал и го подржувал. Инаку во тоа време во тие македонски краишта мнозинска Црква била Католичката. Тој самиот извесно време бил предавач во Бугарската-егзархиска гимназија Свети Кирил и Методиј во Солун.

Католици.мк: Можно ли е тоа?

Да можно е, зашто тој многу брзо го научил народниот јазик кој го говореле Македонците во јужните делови на Македонија. Од друга страна, гимназијата била во таква положба што морала да бара спас во решенија кои биле изнудени. Зашто според отоманскиот закон со гимназијата не можеле да раководат луѓе кои не биле даночни поданици на Империјата. Отец Јосиф бил даночен обврзник и можел да предава во училиштата. Затоа не треба да нé изненади ако во бугарската православна гимназија среќаваме ученици, професори па дури и раководители католици. Но и нешто друго влијаело на тоа, оти бугарската држава (кнежество) некои чекори ги правела во ситуација кога се нашла изненадена соочувајќи се со фактот дека во солунскиот, гевгелискиот, кукушкиот, серскиот и пазарскиот крај наишле на многу образовно-културно напредно население, а мнозинството биле католици.

Интервју: Ќе минат години, ама Паљурци пак ќе процвете (2 дел)

Разговорот го водеше о. Гоце Костов, одговорен уредник

[1] Драгов Ив. Хр. Добротворното (или Благородното) Дело на отец Јосиф Алоати и Сестра Еврозија Алоати.  стр.173.

[2] ИванХаџиНиколов е роден на Бадник (24 декември) 1861 година  во Кукуш во католичко семејство. А умира на  9 јули 1934 во Софија. Најверојатно тоа е денот кога во село Секирник носени од ѓаволските сили непријателите на христијанството ја запалиле црквата св. Никола.

Категорија: Македонија

За авторот