Интервју на папата Фрањо за списанието „Scarp de’tenis“

Интервју на папата Фрањо за списанието „Scarp de’tenis“

За последните, сиромашните, за мигрантите, за милостињата и блиската посета на Милано зборуваше папата Фрањо во интервјуто за „Scarp de’tenis“, италијански весник приврзан за Каритас. Папата раскажа многу анегдоти. Мигрантите кои доаѓаат во Европа, смета Папата, бегаат од војната, имаат право христијански да бидат прифатени и вклучени во општеството.

Добро е да се научи „големината на ставање во туѓите чевли“. Папата истакна дека е „многу тешко да се влезе во туѓите кондури, затоа што честопати робуваме на себичноста“, затоа пред ожалостените повеќе зборуваме „излитени“ зборови.

Христијанинот понекогаш слуша, но не го сфаќа оној кој бара помош. Влезот во туѓите чевли е израз на служење, понизност, великодушност. Понекогаш во населбите со бараки има повеќе солидарност отколку во градската средина, а можеби во сиромашните предградија дрогата повеќе се гледа, но само затоа што се крие во други квартови и затоа што се користат бели ракавици – рече Папата.

Папата рече дека најнапред го прашува бездомникот како е. Бездомниците веднаш сфаќаат ако некој искрено се загрижува за нив. Бездомникот може да се гледа како личност или како некое куче – истакнува Папата и раскажува како во Буенос Аирес размислувал да истера неколку бездомници кои ја завземале пешачката патека пред надбискупијата. Многумина зборувале: „Ја валкаат куријата“, но во овие случаи треба да се биде хуман, затоа што вистинската „извалканост е одвнатре“, тие личности имаат големо достоинство – рече Папата.

Светиот Отец рекол дека е задоволен со тоа како црковните структури и италијанските парохии го прифатиле неговиот апел за отворање на вратите за сиромашните. Исправноо е да се дава милостиња. Не е добро на сиромавиот да му се фрла „паричка“. Важно е да се помогне на оној кој бара помош, гледајќи го во очите и допирајќи ја неговата рака. Ако не се дава пари на сиромавиот поради тоа што тој би ги дал за чаша вино, подобро би било да се запрашаме дали таа чаша вино е единствената среќа која му останала во животот – рече папата Фрањо.

Зборувајќи за мигрантите рекол дека оние кои доаѓаат во Европа бегаат од војната и гладот. А ние сме донекаде виновни за нивната состојба затоа што ги искористуваме нивните земји, а не вложуваме во нив и тие да имаат корист од тоа. Тие така имаат право на населување и на прифаќање и поддршка – рече папата Фрањо.

Прифаќањето треба да се заснова на христијанската крепост мудроста, односно прифаќајќи онолку мигранти колку што може да се згрижат, односно да се вклучат во општеството. Ако мигрантите не се вклучат во општеството, се изолираат – додава папата Фрањо спомнувајќи го случајот на атентаторот во Завентем во Белгија, втората генерација мигранти кои растеле во гетото, а го пофали шведскиот начин на интегрирање на мигрантите.

Потсети дека неговото семејство е мигрантско, како и сите семејства во Аргентина, каде меѓурелигискиот дијалог е „правило“: Мојот дедо и баба со мојот татко требало да патуваат на крајот од 1928 година, веќе имале карта за бродот кој потонал на отвореното море пред бразилскиот брег. Картата ја замениле, па во февруари 1929 година влегле на нов брод и отишле во Аргентина, а јас сум сега овде. Зборувајќи за Буенос Аирес, Папата рекол дека сега многу му недостига можноста да излезе и прошета низ улиците. Осврнувајќи се пак на скорото патување во Милано, рекол дека се надева дека ќе наиде на мноштво народи.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот