Интервју на Папата за Ла Стампа: Потребен е дијалог меѓу народите

Интервју на Папата за Ла Стампа: Потребен е дијалог меѓу народите

Папа во интервју за италијанскиот весник Ла Стампа – Ватикан инсајдер: Европа не смее да се расформира; треба да се почитуваат идентитетите на народите, но без затворање. На политиката, во прифаќањето на мигрантите, е потребна креативност и внимание. Синодата за Амазонија ќе биде одговор на планетарната криза во животната средина, но таа потекнува од Црквата и ќе има евангелизаторска димензија.

Европа треба да се спаси затоа што таа е наследство кое не може и не треба да се расформира. Дијалогот и слушањето, почнувајќи од сопствениот идентитет и човечките и христијанските вредности, се средства против суверенизмот и популизмот, и двигатели на обновата на процес кој трае без прекин. Од актуелната состојба во Европската унија се темели интервјуто дадено од папата Фрањо до Доменико Агасо, новинар од Ватикан во Ла Стампа и координатор на порталот „Ватикан инсајдер“, кое се осврнува, меѓу другите, на имиграцијата, климатските промени и Синодата за Амазонија.

Сонот на татковците основачите на Европа

Желбата на Папата е Европа повторно да биде таа од сонот на татковците основачи. Визија направена со конкретизирање, освен географско, исто така историското и културното единство што го обележува Стариот континент. Иако имаше административни проблеми и внатрешни несогласувања – објасни Папата – назначувањето на жената, Урсула фон дер Лејен, за претседател на Европската комисија, може да биде добро за ревитализација на силата на татковците основачи, бидејќи жените имаат способност да поврзуваат и обединуваат.

Нека Европа тргне од своите човечки и христијански вредности

Главниот предизвик е повторно воспоставување дијалог во Европа. Во Европската унија, треба да се разговара, да се споредува, да се запознава – рече Папа, објаснувајќи дека менталниот механизам што стои зад секое размислување треба да биде „Европа прво, потоа секој од нас“. Затоа, – според зборовите на Папата, – потребно е и слушање; сепак, многу често се слушаат само компромисни монолози. Појдовните точки треба да се човечките вредности, вредности на една личност. Со христијански вредности. Европа има човечки и христијански вредности, тоа е она што ни го кажува историјата. И кога ќе го кажам тоа, не ги раздвојувам католиците, православните и протестантите. Сите ние имаме исти основни вредности.

Отвореност за дијалог

Се разбира, секој од нас е важен, никој не е спореден. Навистина, секој дијалог треба да започне од свој идентитет – рече Папата, додавајќи по пример – не можам да постигнам екуменизам ако не појдам од тоа дека сум католик; другиот треба повторно тоа да го стори како протестант, православен … За сопствениот  идентитет не се преговара, туку се интегрира. Проблемот е претерување со затворање на сопствениот идентитет, не се отвораме. Идентитетот е богатство, културно, национално, историско, уметничко; – истакна папата Фрањо – секоја земја има свој идентитет кој треба да се интегрира во дијалогот. Ова е клучно: да се отвори дијалог од сопствениот идентитет за да се добие нешто поголемо од идентитетот на другите.

Загрижени за суверенизмот и популизмот

Во оваа смисла, папата Фрањо е загрижен поради суверенизмот. Таквото однесување изолира. Загрижен сум поради тоа што се слушаат говори што личат на говорите на Хитлер од 1934 година. „Прво ние. Ние … “; ова се мисли кои плашат. Суверенизмот значи затвореност. Државата треба да биде суверена, но не и затворена. Суверенитетот треба да се брани, но односите со другите земји, со Европската заедница, исто така, треба да бидат заштитени и унапредувани. Суверенизмот е претерување кое секогаш завршува лошо; води кон војни. Популизмот, од друга страна, е начин на наметнување на однесување кое води кон суверенизмот и не треба да се меша со „популаризам“, кој е култура на народите и можност за нивно изразување.

Мигранти – Пред сѐ, право на живот

Примање, следење, промовирање и интегрирање се критериуми што треба да се следат кога станува збор за имиграцијата и прифаќањето. Пред сѐ, тоа е право на живот, најважно од сите права – истакна Папата. Секогаш треба да се размислува за воените ситуации и гладот од каде доаѓаат луѓето кои бегаат. Во исто време, владите треба да размислат и да постапуваат претпазливо, затоа што секој што управува е повикан да размислува колку мигранти може да се прими. Може да има и креативни решенија ако, на пример, размислуваме за земји на кои им недостасува работна сила во земјоделскиот сектор. Ми рекоа дека во една европска земја, заради демографскиот пад, има полупразни градчиња; некои заедници на мигранти може да бидат преселени таму, што може, меѓу другото, да ја покрене економијата во таа област“, забележа Папата.

Помагање на сиромашните земји за спречување на миграциските текови

Што се однесува до војните, папата Фрањо истакна дека мора да се завземеме и да се бориме за мир. Гладот главно се однесува на Африка, а дел од решението е да се инвестира за да се помогне да се решат нивните проблеми и со тоа да се запрат миграциските текови.

Амазонија и  „Итна Синода“

Во Ватикан во октомври ќе се одржи Синодата за Амазонија, резултат на енцикликата  Laudato si,  која – истакна Папата- не е зелена енциклика, туку социјална, втемелена на зачувување на создаденото, а синодата е „итна синода“. Папата Фрањо беше потресен од фактот дека на 29 јули човекот веќе ги потрошил сите обновливи извори за годината која е во тек. Затоа, со топењето на глечерите, зголемувањето на нивото на океанот, со повеќе пластичен отпад во морињата, уништувањето на шумите и други проблеми, нашата планета живее во состојба на глобална криза.

Заедништво водено од Светиот Дух

Синодата не е состанок на научници или политичари и не е парламент, туку нешто друго, – истакна Папата, додавајќи: Потекнува од Црквата и ќе има евангелизаторска мисија и димензија. Тоа ќе биде дело на заедништво предводено од Светиот Дух. Важните теми се однесуваат на службата и различните начини на евангелизација, додека прашањето за „вири пробај“ односно можноста за ракополагање на постари и оженети мажи таму каде што недостасуваат свештеници нема да биде една од главните теми на синодата, туку е едноставно една од точките на документот „Instrumentum laboris“.

Амазонија е важна за иднината на планетата

Објаснувајќи ја одлуката за одржување на Синодата за Амазонија, област што опфаќа девет земји, Папата рече дека тоа е репрезентативно и круцијално место … што е од големо значење за опстанокот на планетата. Голем дел од кислородот што го вдишуваме доаѓа од таму. Затоа уништувањето на шумите значи убивање на човештвото, истакна Папата.

Да се оттргне од политиката соучеството и корупцијата

Заканата за животот на населението и територијата доаѓа од економските и политичките интереси на доминантните социјални сектори. Политиката треба да ја елиминира сопствената вклученост и корупција и да преземе конкретни одговорности – истакна папата Фрањо,споменувајќи ги на крајот, движењата на младите луѓе кои даваат надеж за различно однесување во грижата за создаденото.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот